Молк владее и кај локалната, богами и кај централната власт за нелегалната градба која никна на самото крајбрежје на Охридското езеро, рече на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.
- Овој пат тоа е бетонска база која без дозвола ја гради добро познатиот советник од Охрид, Нефи Усеини кој инаку е многу близок со раководството на СДСМ во Охрид и со градоначалникот. СДСМ за оваа бетонска база се прави недоветна, иако ги има сите полуги на системот во свои раце, рече Арсовски.
Оттаму додаваат дека истиот советник е поврзан со изградбата на нелегалната тераса во Охридската чаршија покрај чинарот во самиот центар на чаршијата.
- Ниту за ова немаше никаква реакција од институциите, од проста причина што со истиот Нефи Усеини, СДСМ и градоначалникот имаат направено политички пазар. Сега гледаме дека политичкиот пазар подразбирал и изградба на бетонска база, повторно нелегално, на самиот брег на Охридското езеро со цел да се бетонира упропастувањето на целиот Охрид. Тоа што Охрид се претвора во џунгла со дивоградби, тоа што Охрид ќе биде тргнат од листата на УНЕСКО, тоа што нелегално се градат хотели, минариња, тераси и бази, сето тоа оди на душа на Зоран Заев кој сето тоа го одобрува и дозволува, рече Арсовски.
ВМРО ДПМНЕ бара од надлежните институции, како локални, така и централни да се охрабрат, како што велат, да не се плашат и покрај притисоците кои што ги врши Заев и да преземат соодветни мерки и да го санкционираат ваквиот башибозлук.
OhridNews