Сер Артур Кларк, живата СФ-легенда, во недела го слави 90-от роденден и има три роденденски желби.

По повод своето „90-то кружење околу Сонцето“ Артур Кларк, човекот кого енциклопедиите ќе го опишуваат како радарски специјалист од Втората светска војна, претседател на Британското меѓупланетарно друштво,истражувач на подводниот свет, идеен зачетник на многу технолошки достигнувања, витез на британското кралство, сепак сака да биде запаметен како писател на научна фантастика.

„Кога некој би ми дал само три желби…Би сакал да видам некои докази за вонземјаните. Секогаш верував дека не сме сами во космосот, но и понатаму чекаме да ни се јави Е.Т. или да ни даде некаков знак“ вели Кларк. „Второ, би сакал да ја отфрлиме нашата сегашна зависност од од нафтата и да се префрлиме на извори на чиста енергија“ додава тој. „Не можеме да дозволиме јагленот и нафтата да ја изгорат нашата планета“. Третата желба му е да се постигне траен мир во Шри Ланка каде живее во последните 50 години и каде напишал голем дел од своите 80 објавени книги.

Јасминка Т. Момироска