Основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, Австралиецот Џулијан Асанаж ги повика Велика Британија и Шведска да ја спроведат одлуката на комитетот на Обединетите нации кој пред една година оцени дека неговото притворање е акт на самоволие, јавува „Макфакс“.
„Ги повикувам Велика Британија и Шведска да постапат праведно и да ме ослободат. Овие две земји се потписници на договорот со кој ги признаваат ОН и нејзините механизми за заштита на човековите права“, истакна Џулијан Асанж во писмената изјава.
Работната група на ОН составена од правни експерти на 5-ти февруари 2016 година повика да „Биде прекинат неговиот притвор кој е чин на самоволие“, што Велика Британија и Шведска го одбија.
Сега 45-годишниот Австралиец Џулијан Асанж од јуни 2012 година се засолна во амбасадата на Еквадор во Лондон, за да не биде екстрадиран во Шведска каде што е обвинет за наводни случаи на сексуално злоставување – секс без кондом, и на силување.
Асанж ги негира обвинувањата за коишто по изјавите на две жени шведските власти го обвинија во август 2010 година, но досега не подигнаа обвинение против него поради тоа што не беше сослушан. Но на 15-ти ноември 2016 година, два дена беше сослушуван во амбасадата на Еквадор во Лондон. Сослушувањето го водеше еквадорскиот државен обвинител во присуство на шведската колешка Ингрид Инсгрен, заменичка на судијата иследник, но без присуство на шведскиот адвокат на осомничениот.
Шведските обвинители во 2015 година се откажаа од истрагата за сексуален напад, бидејќи по пет години ова дело застарува. Меѓутоа, и натаму имаат намера да го испитаат поради обвинувањата за силување, за што застарувањето настапува по десет години.
Како осомничен Асанж беше уапсен во Лондон на 7-ми декември 2010 година по барање на шведските правосудни органи, кои инсистираат на негова екстрадиција. Сепак, по неколку дена тој беше ослободен со кауција.
Избегнувајќи ја можноста повторно да биде уапсен од британските власти и да биде предаден во Шведска, Асанж во 2012 година влезе во амбасадата на Еквадор во Лондон каде што бараше политички азил поради стравувањата дека шведските власти ќе во предадат на САД поради тоа што на WikiLeaks објави повеќе од 500.000 тајни воени досиеја за војните во Ирак и во Авганистан, како и непријатната тајна преписка на американската дипломатија.
Основачот на WikiLeaks кон средината на на јануари годинава изјави дека е расположен да им се предаден на САД, каде што му се закануваат тешки обвиненија, меѓу другото и за шпионажа, доколку му бидат гарантирани човековите права.
OhridNews
извор: „Макфакс“