Нема ништо од ветените и помпезно најавените проекти на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков и ВМРО ДПМНЕ чија реализација остана само во идно време и ги нема на повидок. Нема ништо од од реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“, нема ништо од катната гаража. Ова денеска на прес конференција го истакна претседателот на Општинската организација на СДСМ – Охрид, Асен Шајн.

Единствено видливо е дека ја нема само фонтаната, а просторот е покриен со омилените на сите нас бекатонки распоредени во некој чуден редослед сфатлив само за нивно око, а присутен низ целото градско подрачје. Но, со оглед на тоа што се ближат локалните избори, сигурни сме дека наскоро ќе започнат, како и секогаш, со замачкување очи на граѓаните пропратени со добропознатото сечење ленти и фрлање лопати, рече Шајн.

Разочарувањето е големо, додаде Шајн, дотолку повеќе што проектот за плоштадот моменталната локална власт го затекна готов со постапка која беше донесена до конзерваториско одобрение.

А тие за 4 години не успеаа ни тоа да го обезбедат. Обезбедија само нови смешни локации за тезги, криејќи го единствениот природен и заштите споменик охридскиот стар Чинар, рече Шајн.

Според Шајн, нема ништо и од ветениот проект Катна гаража.

Охрид, се повеќе и повеќе се гуши во сообраќаен хаос. Најавена беше катна гаража зад „Ривиера“, најавена беше катна гаража кај СВР Охрид и на крај најавена беше катна гаража кај „Градски Пазар“ ама досега не сме виделе ниту една. И бидејќи не сме виделе ниту една, повторно сме сигурни дека пред локалните избори ќе слушнеме нови небулози за овој нереализиран проект, би сакале да ја запрашаме локалната власт дали старо – новото ветување за изградба на катна гаража имаат план да го реализираат преку досега ветеното јавно приватно партнерство или преку аплицирање за унгарскиот кредит, кој ние граѓаните наредните години дебело ќе го враќаме? – праша Шајн.

Шајн ја критикуваше работата на актуелниот градоначалник Пецаков, посочувајќи дека најголемиот реализиран проект на актуелната локална власт изминатите 4 години е булеварот „Македонски Просветител“ што всушност е проект затекнат во завршна фаза од претходната власт.

Запрашан дали ќе се кандидира за градоначалник на претстсојните избори на есен, Шајн не одговори директно, но посочи дека партијата во моментов прави анкети и длабински анализи врз основа на што ќе биде донесена одлука со кој ќе трча на локалните избори во Охрид.

OhridNews