Кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и Коалицијата, Асен Шајн е роден во Охрид на 30.03.1986 година. Неговото семејство влече корени пред повеќе генерации. Во Охрид завршува основно и средно образование. Во 2005 година се запишува на Медицински факултет во Скопје и дипломира во 2011 година. Со лиценца за работа се стакнал 6 месеци подоцна, а веќе во 2013 година запишува специјализација на Универизтетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје на Клиниката за уво, носи и грло каде што специјализирал во 2020 година. По стекнување на лиценцата за работа како специјалист, работи во Општата болница Охрид. Среќно е оженет и татко на едно дете. Вели дека во Охрид е професионално ангажиран, оформил семејство и тука ја гледа иднината.
Шајн ja открива својата визија за Охрид, приоритетите и насоките на развој на општината која во иднина ја гледа како посакувано место за живеење.
ON: Како гледате на Охрид сега и како го гледате Охрид во иднина?
Шајн: Несоодветни и нереализирани инфраструктурни решенија, рекордни вредности на присутност на ПМ-честички во воздухот во последните години, градежна експанзија, системски пропусти и проблеми, масовно иселување, сообраќаен хаос, безбедност на најниско ниво. Тоа не е само мое видување на Охрид денес, тоа е секојдневието на секој еден граѓанин во овој град. Одлучив да се кандидирам за градоначалник бидејќи верувам дека нашиот град заслужува чесно и храбро водство, заслужува луѓе коишто слушаат и постапуваат. Охрид е посебен и познат во светот по многу нешта, а во Охрид живееле, живеат и ќе живеат вредни луѓе, подготвени секому да му подадат рака, луѓе кои се храбри и истрајни.
Ќе се стремам првенствено кон овозможување безбеден, мирен и достоинствен живот на сите граѓани. Ќе ја подобрам инфраструктурата, ќе инвестирам во локалните бизниси, сите расположливи ресурси ќе бидат насочени кон нашата заедница што сите сакаме да ја видиме безбедна и напредна. Ќе се залагам за почиста животна средина и ќе ја зајакнам соработката со локалните институции, особено училиштата. Ќе градам заедница во која младите со гордост ќе учествуваат, ќе живеат и ќе работат. Тука, во нашиот најубав Охрид.
ON: Кои се приоритетните проекти во ваша програма за претстојните локални избори?
Шајн: И капиталните проекти и помалите проекти, а и проектите по месни заедници за мене се приоритетни проекти. Мора да се опфатат и мора да се работи на секое поле и да се олесни секојдневното живеење на охриѓани. Но, еве како поголеми капитални проекти би ги издвоил проектот „Охрид – Зелен град“ во кој предвидуваме набавка на еколошки автобуси (електрични или хибридни) за јавен превоз, воведување систем за споделување (изнајмување) електрични тротинети, изградба на современа депонија, субвенционирање на соларни панели на јавни и приватни објекти, креирање и уредување на нов градски парк, насадување мини-шумички, озеленување на фасади и кровови.
Понатаму, важен проект на кој ќе му посветиме особено внимание е враќање на култниот сјај на Билјанини Извори – интегрирано уредување каде што ќе се изврши рехабилитација на изворите, уредување на патеки, озеленување, клупи, информативни знаци, инфраструктура за туристи (екопаркинг, трансфер, тематски содржини)…
Еден од приоритетите ќе биде и проектот „Охрид – Град на писменоста“ со кој се предвидува изградба на модерен мултифункционален објект со библиотеки, културен центар, coworking простор, интердисциплинарен центар за талентирани ученици како и виртуелен туристички водич како дигитална компонента. Секако во нашата програма имаме предвидено и други капитални проекти кои се обврзуваме да ги исполниме во нашиот четиригодишен мандат кои секојдневно ги споделуваме со јавноста.
ОN: Што планирате во насока на зачувување на статусот во УНЕСКО, заштитата на животната средина, туризмот и економскиот развој на градот?
Шајн: Moja највисока обврска ќе биде заштитата и унапредувањето на културното и природното богатство на нашиот град, затоа што Охрид е светско наследство кое мора да го сочуваме.
До сега сведочевме на алармантни предупредувања од УНЕСКО поради несоодветен урбан развој, несоодветна инфраструктура и неприменување на препораките. Мојот приоритет ќе биде целосно спроведување на сите препораки од УНЕСКО во соработка со останатите надлежни институции. Ќе направиме ревидирање на урбанистичките планови во согласност со стандардите за заштита на светско наследство ќе ги преземеме сите мерки за заштита на природата. Ќе воспоставиме активна соработка со меѓународни институции и граѓанскиот сектор….
Н.С.Ј.