Астмата прераснува во епидемија на 21-от век затоа што од година во година се зголемува бројот на заболени од ова респираторно заболување. Медицинската статистика покажала дека во Македонија се регистрирани од 80.000 до 100.000 заболени од астма.

Со цел да се превенира ширењето и да се олесни лекувањето на оваа болест, под слоганот „Ти можеш да ја контролираш својата астма“, македонските здравствени институции годинава го обележуваат Светскиот ден за борба против астмата.

Според медицинските лица, астмата претставува тежок здравствен, а и општествен, социјално-економски проблем.

– Болеста почнува од мала возраст. Најголем процент на новорегистрирани случаи се на возраст под 18 години. Се проценува дека во светот од астма боледуваат околу 300 милиони луѓе. Проекциите се дека до 2025 година тој број ќе се зголеми за 100 милиони, велат лекарите.

Тие потеннцираа дека пациентите во Македонија, во однос на третманот по ништо не се разликуваат од пациентите во светски развиените земји.

– На позитивната листа на лекови има најголем број од лековите потребни за постигнување на контрола на сите, па и на најтешките форми на астмата. Има континуирана медицинска едукација на вработените кои  ги лекуваат заболените во  повеќе од 14 астма центри во Македонија, велат упатените од надлежните здравствеи институции.

Тие додаваат дека за да се подобри третманот на сите заболени, потребно е да се отворат уште  неколку нови центри за астма во државата.

Астма е хроничо опструктивно воспаление на дишните патишта кое предизвикува проблеми при дишењето. Се карактеризира со непримерно силен имунолоши одговор и хронично воспаление на трахеобронхиалното стебло. Болеста се јавува во епизоди, т.е. акутните влошувања на болеста се менуваат со периоди во кои нема симптоми на астма. До астматични напади доаѓа и при влошување на воспалението, вообичаено поради тоа што во непосредната околина е присутен некаков иритирачки или провокативен фактор.

OhridNews