Фудбалерите на Атлетико Мадрид се закитија со трофејот од Супер купот на Европа, откако во естонскиот град Талин со 4-2 после дополнителни 30 минути го совладаа бранителот на тронот, Реал Мадрид.

Мадридската пресметка која и официјално означи почеток на возбудувањата во фудбалска Европа понуди буквално се. Дека ќе биде богато дербито најави Диего Коста кој во првата минута го отвори резултатот. Водството на „јорганџиите“ го анулираше Карим Бензема, а комплетен пресврт направи Серхио Рамос кој прецизно стрелаше од белата точка. Диего Коста со вториот погодок донесе егал (2-2) и мечот го однесе во продолженија.

Во деветтата минута од првото продолжение Саул Нигез донесе ново водство за „јорганџиите“. „Кралевите“ фрлија се на една карта, но Атлетико Мадрид со голот на Коке ја потврди победата и го освои драгоцениот пехар.

Со победата во Супер купот на Европа предводникот на Атлетико, Диего Симеоне и неговите избраници ставија точка на лошата серија со „кралевите“ во финалињата и му посакаа „топло добре дојде“ на Хулен Лопетеги кој дебитираше на клупата од Реал Мадрид.

OhridNews