Куќи на атрактивни локации во стариот дел на Охрид се нудат на продажба по багателни цени. Од она што може да се види на понудата во агенциите за недвижности и огласите на интернет, на охридското кале во моментов може да се купи куќа со поглед на езеро за цена од 80.000 до 250.000 евра.
Познавачите на пазарот за недвижности во Охрид велат дека ова се многу поволни цени споредeно со цените од пред неколку години, кога куќи во стариот дел на градот се продаваа за милионски суми во евра или долари.
-Пред неколку години куќите кои се лоцирани во „Варош“ и „Месокастро“ се продаваа по многу високи цени, но поради економската криза, интересот за купување на куќи опадна, што автоматски се рефлектираше врз цените. Освен кризата, врз цените на куќите влијае и големата понуда на станови, кои се многу поинтересни за купување, бидејќи подоцна можат многу полесно да се издаваат или да се продаваат, велат од неколку охридски агенции за недвижности.
Од таму појаснуваат дека не може да се дефинира фиксна цена за метар квадратен на стамбен простор во стариот град на Охрид.
-Цената на една куќа, сепак зависи од нејзината локација, староста на објектот, квадратурата, можноста на надградба, доградба и слично. Некогаш на пазарот за иста цена се случува да се нуди и стара и нова куќа на слична локација. Сепак цените на куќите во стариот град во моментов ретко може да достигнат цена повисока од 250.000 евра, велат трговците со недвижности.
Според информациите кои што ги добивме надвор од понудата на агенцииите, исто така може да се види дека куќи во стариот град се продаваат по различни цени. На пример моментално се продава куќа од околу 150 метри квадратни, во повисокиот дел на „Варош“ за 80.000 евра. Куќа со директен излез на езеро од 80 метри квадратни се продава за цена од 150.000 евра, а нова куќа во близина на чаршијата и со поглед на езеро се нуди за 135.000 евра. За околу 200.000 евра се продава голема куќа непосредно до црквата „Света Софија“, а куќа во солидна состојба, во близина на „Античкиот тетар“ се нуди на продажба за 100.000 евра.
Жителите на стариот град како и дел од заинтересираните купувачи велат дека во моментов на продажба се и голем број други куќи, кои не се понудени ниту во огласите, ниту во агенциите.
-Најчето овие куќи се нудат преку посредници бидејќи голем дел од граѓаните кои продаваат не сакаат јавно да кажат дека ги продаваат куќите. Се нудат многу куќи во „Варош“ и во чаршијата по многу пристапни цени. Веќе имам разгледано неколку куќи преку посредници, најголемиот дел од нив беа нова градба, со нов ентериер и опрема. Исто така разгледав и една куќа која е на атрактивна локација и со деловни простории на улица „Македонски Просветители“, која во однос на локацијата се нуди за исклучително пристапна цена, раскажува заинтересиран купувач од Скопје, кој сакаше да остане анонимен.
Освен во централното подрачје и во стариот дел на Охрид, во моментов на пазарот за недвижности се нудат и голем број на куќи лоцирани во населбите „Видобишта“, „Расадник“ и „Лескајца“, на улицата „Питу Гули“ и на булеварот „Железничка“.
Е.М