Охрид да биде град со продолжена туристичка  сезона. Ова е визијата на кандидатот за градоначалник на Охрид од Новата социјалдемократска партија на Македонија, Ацо Попоски и на неговиот тим која беше презентирана на вечерашната трибина во хотелот „Милениум Палас“.

„Сакам на Охрид да му донесам туристички гости со подлабок џеб“, изјави Попоски. Тој  го најави проектот за изградба на меѓународен саем кој, како што рече, планира да го реализира што поскоро доколку седне на градоначалничката фотелја.

Според Попоски, планирано е, саемот да содржи изложбени целини, конгресен центар со мултимедијални содржини и модерно кино, современ паркинг-простор доволен за сите посетители, а еден дел од проектот ќе биде насочен и кон дополнување на летната туристичка понуда.

„Нема да правиме мегаломански работи, потребата сама ќе го надоградува овој саем“, објасни Попоски.
Според него, овој проект ќе понуди инвестиции, вработување на млади стручни кадри, но и ќе ја носи технологијата во Охрид.

„Не се плашиме од обврски, дури можеме и да се потпишеме дека ќе ги оствариме“, подвлече кандидатот за градоначалник, Ацо Попоски.

На трибината говореше и носителот на советничката листа од оваа партија, Верица Хајба, дипломиран менаџер по туризам и долгогодишен туристички работник.

„ Досега ништо не е направено за да има Охрид продолжена туристичка сезона“, рече Хајба и додаде дека со разни манифестации, со изградба на дополнителни  капацитети, како и со саемската хала што ја планираат во нивната програма, Охрид може да биде град со продолжена туристичка сезона.

Ohridnews