Ацо Попоски, кандидатот за градоначалник на Охрид од НСДП  ветува максимална енергија во политиката и бизнисот. По професија е инженер по електротехника, деловен човек е и донатор во науката, културата, црквите и спортот. За себе вели дека  припаѓа на љубопитните и упорните  луѓе

OHRIDNEWS:Господине Попоски, во Охрид важите за успешен човек во бизнисот.
Кажете ми, кои беа Вашите мотиви да ја прифатите одлуката на Вашата матична партија НСДП и да се кандидирате за градоначалник на локалните избори 2009?

ПОПОСКИ: Дојде времето во Македонија со политика да се занимаваат успешни и чесни луѓе, оние кои веќе се познати во својата дејност и во јавноста воопшто, луѓе компетентни и достојни за одредена функција. Мојот мотив за прифаќање на одлуката за кандидирање за градоначалник е право пропорционален со квантумот на љубовта кон градот во кој живеам. Како човек којшто го сака својот град, секоја помисла што содржи прогресивни визии за иднината на градот е водена од најпозитивни импулси. Сепак, мојот главен мотив да ја прифатам оваа значајна функција е моето семејство, моите деца и сите млади воопшто кои сакаат да живеат и работат во Охрид, да формираат свои семејства и своја иднина. Затоа одлучив да се вложам себе си и заедно со граѓаните од Охрид да направиме перспективен град. 

OHRIDNEWS: Како сега, во овој момент гледате на Охрид? Дали лично Вие, чувствувате дека досегашните градоначалници направиле нешто корисно за градот?

ПОПОСКИ: Аголот од кој го гледам Охрид обидувајќи се да ги контролирам емоциите е испреплетен со една сурова реалност која е рефлекс на амбиентот во државата генерално , но оптимизмот во мене не е помал од Охридското Езеро од причини што Охрид е град со неисцрпни можности и квалитетни капацитети. За работата на останатите градоначалници постоел и постои судот на народот, кој во рацете држи гласачко ливче, кое за некого е казна, за некого доверба. Во текот на изборната кампања ќе кажам се, но генерално не сум задоволен од она што претходно е направено за мојот град, за Охрид. Кога ќе излезете малку подалеку од центарот на градот ќе ги видите сите работи што му недостигаат на Охрид, за да биде модерен град. Општината во целина, а особено приградските населби, се заборавени во секој поглед. Луѓето заслужуваат повеќе, сакаат и можат да направат повеќе. Ним им треба добра и силна локална самоуправа, добра програма и поддршка што мора да им ја обезбедиме. 


OHRIDNEWS: Што имате Вие да им понудите на охриѓани?

ПОПОСКИ: Во амбиент на летаргичност во која Охрид е западнат, а истовремено со неизмерен потенцијал, Охрид мора “сега и веднаш” да почне да се движи со поинаков ритам. За таа цел, во програмата што ја носам, се предвидени низа суштински, но и практични елементи опфатени во пет целини. Тоа се: Град со стопанска перспектива, Град со долга туристичка сезона, Град на социјална сигурност, Град посветен на граѓаните и Охрид – модерен град.

Целосната моја програма за Охрид е сериозна и реална затоа што произлегува од потребите на градот и неговите граѓани. Кандидатите на НСДП за советници и јас, Ацо Попоски, како кандидат за градоначалник, сме уверени дека таа програма ќе ја реализираме , ако ја добиеме поддршката на граѓаните на локалните избори. Суштината на таа програма е во тоа што го поврзува она што е најприоритетно за градот, без оглед дали тоа зависи само од охриѓани или и од останатите институции на централната власт. Знаеме како да ги решиме најкрупните проблеми, со поддршка на пријатели и соработници од нашата земја и ширум светот. Затоа на прво место во нашата програма е да ја намалиме невработеноста, што значи да го унапредиме стопанството и претприемништвото. Да ја рестартираме индустријата, по која Охрид беше познат во минатото. Особен акцент ставаме врз вложувањата во туризмот, бидејќи Охрид е бисер на Македонија. Продолжувањето на туристичката сезона е наш приоритет со кој се постигнува поголема вработеност и исполнетост на туристичките капацитети. Охрид ќе постане модерен град во секоја смисла на зборот. Модерен град кој ќе се грижи за своите жители, младите, старите болните и оние без работа. За сето тоа има повеќе во нашата програма која ќе ја добие секоја куќа и секој избирач. 

OHRIDNEWS: Во рамките на предизборната кампања, кандидатите обично најавуваат, или подобро кажано, ветуваат и по некој капитален проект. Досега поретко се  остварувале ваквите најави, но дали Вие имате крупен проект кој ќе им овозможи подобро утре на граѓаните? 

ПОПОСКИ: Имам не само еден, туку повеќе проекти. Охрид заслужува поубава иднина. Целата програма претставува крупен проект за развој на Охрид. На Охрид му е потребна нова перспектива. Јас тргнувам од тоа дека ние не сме ги искористиле сите можности кои ни биле дадени на располагање, дека потребно е да се создадат нови правци. Една од нив е изградбата на современ охридски саем, а зарем капиталниот проект топлификација кој што ќе го понудиме на Охрид не е повеќе од само капитална инвестиција. Понатаму, вложувања во здравствен, спортски и рекреативен туризам, како и изградба на индустриска зона со бизнис инкубатори итн. Локалната власт во Охрид ќе дејствува брзо и решително и ќе понуди проекти кои ќе привлечат инвестиции, странски или домашни, за да го стимулираат претприемништвото.

OHRIDNEWS: Дел од Вашите визии, претпоставувам, ќе бидат насочени кон туризмот, бидејќи Охрид без туризам и не може да се замисли…

ПОПОСКИ: Во многу земји туризмот е индустрија. Тоа е неисцрпна тема на која свежите идеи, планови и програми ќе бидат 24 часа тема на дискусија, план и акција. Мојата програма нуди силен туристички развој, со докомплетирање на инфраструктурата, изградба на модерни хотелски комплекси и воведување нови содржини кои ќе ги донесат бизнисмените ширум светот, да дојдат токму во Охрид. Не смееме да се задржиме само на она што го имаме од минатото како културно наследство или да се наслонуваме само на уникатните природни ресурси, туку сето тоа мораме да го “спакуваме” во атрактивна понуда која на туристите ќе им нуди содржини за цел ден, цела сезона или цела година. Охриѓани нема да живеат од туризмот, туку за туризмот, и се што ќе работат, ќе биде во функција на туристите – без разлика дали се тие млади и сакаат забава, постари кои бараат одмор или луѓе, кои токму овде, сакаат да го развиваат својот бизнис. Така, туризмот ќе стане начин на живеење за охриѓани.

OHRIDNEWS: Долги години вложувате напори во сопствениот бизнис, па сигурно дека за тоа време сте оствариле и многу контакти со бизнисмени надвор од Македонија. Каков е нивниот пулс за да инвестираат во Охрид?

ПОПОСКИ: Охрид е град со идеална подлога за инвестиции од најразличен вид. Интересот бездруго постои, е огромен, моите контакти се тука, но како што реков Охрид е тесно поврзан со генералниот амбиент за инвестирање во државата. Во рамките на моите ингеренции и контакти, сметам дека може да се направат огромни чекори во правец на прогрес. Имам многу деловни соработници и пријатели од Македонија и  светот. Нивната желба да инвестираат во Охрид од секогаш била голема, меѓутоа, Охрид досега немаше проекти кои би им ги понудил. Ќе ги повикам да инвестираат во градот, со тоа што ќе им обезбедиме услови кои ќе им гарантираат заштита на приватниот капитал. Ние, охриѓани, најдобро знаеме кои стопански гранки треба да се развиваат во нашиот крај и ќе ги насочиме инвеститорите да вложуваат во тие гранки.  Ќе го насочиме образованието на младите луѓе во корелација со побарувачката на трудот, ќе овозможиме преквалификација на невработените и сите граѓани кои се желни за работа и прогрес.

OHRIDNEWS: Како  ја оценувате економската состојба во Охрид?

ПОПОСКИ: Охрид некогаш важеше за развиен стопански центар во Македонија. Некогашните стопански гиганти во градот како Отекс, Братство, ЕМО, Лихнида и други, како и некогашна Слобода во која работев и творев вработуваа повеќе од 20.000 работници. Меѓутоа долгата транзиција во земјата го зафати и Охрид и останаа одвај да работат 2.000 работници кои земаат минимални и нередовни примања. Со години статусот на ЕМО не се решава, за да може политичката гарнитура на власт без разлика од која партиска провиненција потекнува, да манипулира со вработените и да им се заканува пред секои избори. Нивниот статус и статусот на фабриката мора да се реши и сум подготвен да застанам заедно со вработените и да им кажеме на централната власт дека Охрид припаѓа на охриѓани. Охрид  мора да биде град со стопанска перспектива. Од зачмаен град ќе го направиме главен град во регионот, ќе го промениме функционирањето на локалната власт, каде што сите граѓани ќе имаат увид во јавните набавки и алокацијата на финансиски средства.

OHRIDNEWS: Охрид забрзано се урбанизира. Што нудите во вашата изборна програма, градот што поскоро да си го врати сопствениот имиџ и автентичноста?

ПОПОСКИ: Охрид во последните години доживеа вистинска деградација во урбанистичкиот развој, со што изгуби дел од својата автентичност и имиџ според кој беше препознатлив во светот. Сите урбанистички планови се носат стихијно и се водени од интересите за што поголем профит. Охрид денеска е град на слепи улици, без паркинг-простори и на високи згради кои никнуваат на секоја слободна површина. На три километри од центарот на градот имате приградски населби со септички јами.
Охрид ќе биде град со модерни трговски центри, со спортски рекреативни содржини, ќе биде град со неколку катни гаражи, модерна автобуска станица и широки булевари. Ќе ги натерам охриѓани да го поминуваат своето слободно време за викендите во Лескоец во трговски центар со модерно лизгалиште среде лето. Од Воска ќе започне да се развива модерниот Охрид. Близу с. Лакочереј ќе никне елитна населба, со што цените на недвижностите во Охрид двојно ќе се зголемат. Ќе го направам Охрид модерен град. 

OHRIDNEWS: Општината е сервис на граѓаните. Во која насока ќе делувате ако станете градоначалник за да го подобрите квалитетот на услугите што ги дава општинската администрација? Какви реформи ќе спроведете во општината?

ПОПОСКИ: Тоа што како императив пред се ќе го поставам е враќањето на вербата во синтагмата “сервис на граѓаните”. Денес постојат проверени програми за модернизација на општинската самоуправа и администрација, дури и софтвери за таква работа. За неколку месеци може да се извршат коренити пресврти во таа насока. Целта е општината да стане јавен сервис, не само на своите граѓани, туку и на стопанството и на сите оние кои сакаат да работат и вложуваат. Во Охрид ќе го воведеме системот 48, каде што сите граѓани ќе можат да добијат одговор на барањата кои ги имаат од Општината во рок од 48 часа. Охрид мора да биде град без бирократска администрација, без шалтери и редови пред нив, град што ќе го забрзува а не да го забавува животот, град што не ќе живее од своите граѓани, туку за своите граѓани. Така ќе се однесува и идниот градоначалник на Охрид.

OHRIDNEWS: Каде се сега македонските општини, се разбира, меѓу нив и Охрид, во корелација со централната власт. Процесот на децентрализација овозможи дел од надлежностите на државната да и се отстапат на локалната власт. Дали сега општините имаат доволно ингеренции?

ПОПОСКИ: Локалната самоуправа кај нас нема доволно ниту изворни, ниту пренесени надлежности, па во тој контекст, не е ни доволно јака. Нејзините надлежности не само што се лимитирани, туку и контролирани. Меѓутоа, ние планираме да започнеме акција во таа смисла. Ќе лобираме за подобри решенија, ќе нудиме законски и подзаконски предлози кои ќе даваат поголеми можности на локалниот развој. Охрид мора да влезе во втората фаза од фискалната децентрализација. Ќе го бараме она што нам ни припаѓа, а ќе го нудиме она што не приближива до другите. Целосната децентрализацијата е само еден дел од програмата за која ќе се залагаме во нашиот мандат.

OHRIDNEWS: Разработивте ли стратегија како да остварите влез на општина Охрид во втората фаза од фискалната децентрализација?

ПОПОСКИ: За мене како кандидат е нелогично како некои помали општини во Македонија, со далеку помал буџет од Охрид и можности, успеаја со своето домаќинско работење да влезат во втората фаза од фискалната децентрализација, а Охрид не. Иако и двете партии СДСМ и ВМРО беа на чело на градот и можеа да ја добијат поддршката од централната власт, не успеаја последните десет години да расчистат со долговите на општината и да ја одблокираат општинската сметка. Ние сме уверени дека со зголемувањето на буџетот на градот преку привлекувањето на нови инвеститори, со намалувањето на трошоците на општината преку модернизација на администрацијата, како и со структурни промени во практицирањето на власта, Охрид лесно ќе ги исполни критериумите за да влезе во втората фаза од фискалната децентрализација.   

OHRIDNEWS: Бизнисот и политиката? Што доминира кај Вас? Како планирате да ги усогласите и двете работи доколку ја добиете довербата од граѓаните?

ПОПОСКИ: Токму довербата на граѓаните ќе ја канализира мојата чесна желба да сторам нешто за својот град. Кога велам канализира, под тоа подразбирам дека мојата работа ќе биде работа на склоп на сите елементи кои како рефлекс на Охрид и охриѓани ќе им донесе токму тоа што го заслужуваат, а тоа е подобар и поквалитетен живот. Секогаш работам со максимална енергија за она што го преземам како задача. Така е во мојот бизнис, така ќе биде и во политиката. Јас, дури мислам дека не треба да се издвојуваат двете работи, зашто што ќе ни е политика ако заостанува бизнисот во општината или што ќе му е на добриот  бизнис лоша политика. Двете работи мораат да бидат добри и взаемно да се дополнуваат. Еден од важните аспекти на мојата политика ќе биде да го помагам бизнисот во општината Охрид, притоа мислејќи на сé што е бизнис – од големи претпријатија, па до работата на поединци. Општината, ќе се однесува како менаџер, кој ќе креира услови и поволен амбиент за стопански развој.

OHRIDNEWS: Многу е важно да ја покажеме нашата демократска култура на изборите. Дали очекувате фер и демократски избори на 22 март?

ПОПОСКИ: Јас тргнувам од самиот себе си. Верувам во себе и сакам да нагласам дека мојата кандидатура водена од чесни пориви ќе биде во рамки кои ќе зрачат пред се со достоинство, фер однос и квалитетна корелација со останатите субјекти. Мојата чест и достоинство не можат и нема да бидат предмет на една употреба. Јас немам резервно лице. Токму како Ацо Попоски бев, сум, и ќе останам она што сум, а тоа е вистински демократ. Ние како политичка партија ќе се однесуваме фер и демократски на претстојните избори, а секој кој поинаку работи ги напаѓа интересите на граѓаните на Охрид и интересите на Македонија за зачленување во ЕУ и НАТО пактот. Очекувам тешка, но фер кампања, во која на избирачите ќе им се овозможи да ја изберат најдобрата опција за нашиот град. Не сакам да помислам дека некој ќе посака да победи на нерегуларен начин, бидејќи во тој случај нема да има кредибилитет да ги застапува своите сограѓани, ниту морална сила да ги води во овие тешки времиња.

OHRIDNEWS: Нешто повеќе за Вашата биографија. Како ќе се претставите пред гласачкото тело?
 
ПОПОСКИ: Пред гласачкото тело, пред се, ќе се претставам како човек кој цврсто стои на земја, не негува илузии и како човек поттикнат од народот и за народот. За среќа јас не морам ништо, ниту да измислувам, ниту да премолчувам. Јас сум роден Охриѓанец. Тука живеам со семејството, сопругата и трите деца. Сум инженер по електротехника, деловен човек, донатор на науката, културата, црквите и спортот. Формирав и развивам претпријатие кое дури 97% од своето производство го извезува во странство. Припаѓам на љубопитните и упорни луѓе, јас сум човек кој постојано учи и воспоставува нови контакти, отворен кон иновации и разумен во критика. Не го ветувам она што не можам да го направам. Тоа што го ветувам и ќе го остварам!

OHRIDNEWS: И на крајот, да ја слушнеме и вашата порака до охриѓани?

ПОПОСКИ: Слоганот на мојата кампања кажува се. Секој оној што ја разбира широчината и димензијата и емоцијата на тој слоган верувам ќе биде со подадена рака и ќе се вклучи во мојата борба за Охрид како модерен европски центар на квалитетно живеење, колевка и јадро на македонското во македонското. Сржта на словенското писмо и христијанството. Во недела, на 22 март, на денот на смената на зимата и пролетта, внесете со својот глас промени во Охрид, гласајте за оние на кои најмногу им верувате и кои ќе знаат да ја водат Општината и градот Охрид на современ, деловен и чесен начин. Верувам дека граѓаните, во листата на НСДП и во мене ќе ги препознаат луѓето кои се посветуваат на Охрид. Сега, мојот град е моја најголема грижа. Како градоначалник ќе го направам она што му треба на Охрид – да стане најдобар, најубав, најчист, најпосетен град, да постане модерен град!
Затоа што, за мене Охрид е главен град!

АЛЕКСАНДРА РИСТОСКА

фото: МИРКО ПОСТОЛОВСКИ