Ако некоја професија можеме да ја окарактеризираме како благородна, несомнено дека пожарникарството претставува дејност во која до израз доаѓаат хуманите вредности. Лицата кои се занимаваат со оваа професија, по цена на сопствените животи се борат со пламените јазици, а од нивните дела само навираат емоции кои никогаш не се забораваат.
Дека граѓаните ги ценат овие „подвизи“, говори неодамнешниот избор на личност на годината, во која читателите и редакцијата на нашиот портал, му одадоа признание на охриѓанецот Ацо Тасески. Градот може да биде горд, што охридскиот пожарникар со својата пожртвуваност, успеал од пламените јазици да спаси многу животи.
„Со оваа професија се занимавам околу 22 години. Претходно мојот татко работел како пожарникар повеќе од 40 години. Како и секоја дејност, така и оваа бара голема посветеност и љубов. Доколку човек сака да се чувствува убаво, треба вистински да се одаде кон професијата. Среќа што во овие изминати години, интервенциите биле успешни, посебно во оние места каде бил загрозен човечкиот живот.“ – вели Тасески.
Додека раскажува емоциите можат да се видат на лицето на Тасески. „Кога ќе направиш некому добро, тие чувства не можам да ги искажам со зборови. Тоа може само да се доживее. Едноставно се полниш со позитивна енергија, а топлината од внатрешноста на душата ме грее и на -20 степени. Сликите ми се враќаат во дел од секунда, а емоциите навираат преку солзите радосници. Заедно со колегите сме имале интервенции, кога во ниту еден момент не се имаме поколебано да се жртвуваме. Една од многуте беше кога мало бебенце, успеавме да го извадиме од опожарен стан во една високо-катница.“ – истакнува Тасески.
Според него, едукацијата и надградбата на знаењето се клучна комбинација која води само до успех. „За да го победиш противникот, кој во мојот случај е огнот, мораш да ги дознаеш сите негови позитивни и негативни страни. Доколку лекцијата е добро научена и се држиш до процедурата, секогаш ќе бидеш успешен. Потребни се вештини, тактика и подготвеност за да човек може да го совлада огнот.“ – потенцира охридскиот пожарникар Тасески.
Опсесијата кон оваа професија, Тасески ја манифестира и во слободното време читајќи различни списанија поврзани со оваа област. Покрај ова, неговата страст кон тенисот е неизмерно голема. „За мене, тенисот претставува врвот во спортот. Го следам уште од далечната 87-ма година. Во принцип ги почитувам сите спортисти, бидејќи имаат големи и широки срца. Иако навивам за Ѓоковиќ кога игра против Федерер, сепак Роже е број еден на сите времиња.“ – низ насмевка вели нашиот „јунак“ Тасески.
Тој потенцира дека во раните деведесети, една од омилените цртани серии му била „Пожарникарот Сем“. За годината која измина, смета дека е една од најуспешните во неговиот живот. „Во 2012-та ми се случија убави работи. Мојот син го фати крстот за празникот Водици, во водите на езерото кај Св. Наум. Потоа матурира, а мојата ќерка дипломира. Јас наполнив 50 години, а како сопруг, родител и пожарникар за изминатата година можам да кажам дека беше најуспешна. Признанието кое го добив, ме задолжува уште повеќе да бидам пример како на професионален, така и на приватен план. Го посветувам на целата пожарна единица, која со својот придонес спречи големи трагедии. Особено ми е чест што се најдов во потесниот избор, бидејќи сите 10 номинирани се одлични луѓе кои преку својата работа и дело, оставија траги во историјата на градот.“ – додава Тасески.
Семејството Тасески
За крај, Тасески на охриѓани им посакува да бидат искрени, добронамерни и оригинални. „Луѓето мора да го исфрлат материјализмот од прв план. Нека се љубат, почитуваат и нека го сакаат својот дом. Нека го почитуваат своето „маало“ и нека го чуваат Охрид како свој, бидејќи привилегија е само на малку луѓе да живеат и работат тука. Сакам на граѓаните од срце да им ги честитам новогодишните и божиќни празници. Оваа година ќе се фрлам за крстот, а убеден сум дека ќе го фатам бурето со вино“ – завршува нашиот сограѓанин Ацо Тасески, кој неодамна го доби признанието за личност на годината во Охрид, од редакцијата на OhridNews.
О.Т.