Авиокомпанијата „Аустриан ерлајнс“ и операторот на македонските аеродроми „ТАВ“ денеска на „Александар Велики“ ја одбележаа 20-годишнината од првиот лет Скопје-Виена. Со церемонијален воден мост за леталото и чоколадни „Моцарт-кугли“ за патниците, беа прославени двете децении од 31 март 1996 година, кога авиопревозникот го реализира првиот лет меѓу главните градови на Австрија и на Македонија. Компанијата денес опслужува до два лета дневно меѓу престолнините, кои за патниците од Македонија се порта кон Западна Европа, Северна Америка и Азија.

– Отсекогаш сме имале многу посебна врска со Македонија поврзувајќи го вашиот главен град со нашиот во Австрија, со што обезбедуваме сигурна конекција меѓу двете земји и превезуваме голем број патници меѓу двата града – без оглед дали патуваат за бизнис или за одмор и за рекреација. Во 2015 година со нашите летови превезовме повеќе од 97.000 патници. Околу 200 македонски компании се членки на нашата корпоративна програма што уште еднаш покажува колку нашите летови ги поддржуваат бизнис-релациите со Македонија – истакна Александер Толвет, регионален директор на Аустриан ерлајнс.
Покрај одличните авионски врски, патниците на „Аустриан ерлајнс“ ги уживаат и придобивките од сигурноста на летовите со оваа авиокомпанија: во првиот квартал од 2016 година, превозникот реализира 28.909 летови со 76 авиони, или просечно по 318 летови на ден. Редовноста во реализирањето на летовите изнесува 98.7 проценти, додека точноста на времето на полетување беше 90.5%. Според FlightStats, „Аустриан“ е второрангирана авиокомпанија во светот според навременоста на пристигнувањата, која во март беше 90.3 отсто.
Благодарение на поволната географска положба на виенскиот аеродром, што се наоѓа во срцето на Европа, тој е идеален центар за превезување патници меѓу истокот и западот со кратко време за трансфер. Виенскиот аеродом е единствен меѓу светските аеродроми кој овозможува време на поврзување помеѓу летовите од само 25 минути, што е од особено значење за патниците кои со летовите на „Аустриан“ продолжуваат кон Европа, Америка и Азија. Во својот „Стар алијанс“ терминал на виенскиот аеродром,„Аустриан“ нуди шест бизнис-салони, каде што патниците можат да уживаат во асортиманот на австриски и други деликатеси.












