Со дебито во Втората АБА лига кошаркарскиот клуб АВ Охрид започна ново поглавје во охридската кошарка. АВ Охрид е прва екипа во нашиот град во поновата историја која игра во ваков систeм на натпреварување и со противници од Балканот. Охриѓани со пораз од Борац Чачак (82-62) во „Билјанини Извори“ го започнаа новиот предизвик, но без разлика пулените на Петар Чочороски се покажаа во едно добро светло со надеж за подобрување.

– Резултатски минавме многу лошо, но од играта сум задоволен. Да беше поразот од пет до десет разлика ќе беше прифатлив, вака никако не смееме да бидиме задоволни. Не знам што се случи и зошто се предадовме во последната четвртина во која не можевме ништо да загубиме. Сепак, ние натпреварите во АБА лигата ќе ги искористиме за акумулирање на потребното искуство кое ќе ни биде од голема помош за мечевите од Првата лига, која годинава ни е во фокусот. – рече Чочороски.

Бугарскиот интернационалец Станислас Цонков имаше сличен став како и тренерот дека одлуката за победата паднала во четвртата четвртина. –  Последната беше решавачка, бидејќи до таа иако губевме од време на време се враќавме и држевме резултатска неизвесност. Ние имавме некои избрзани шутеви и технички грешки, тие искусно тоа го казнуваа и заслужено се израдуваа на победата. – изјави Бугаринот.

Гостинскиот стратег Раско Бојиќ добро ја анализирал играта на АВ Охрид која многу му помогнала во текот на мечот.

– Има неколку фактори кои вечерва не одведоа до победа. Првата е затварањето на нивниот најдобар играч Бери, на кој не му дозволивме да се разигра. Исто така и тој ни помогна, откако направи три лични грешки. Потоа, неколку шутеви погодивме кога требаше и не им дозволивме на домаќините да се вратат комплетно во игра. Оваа победа ќе ни биде голем мотив за понатаму, бидејки не очекуваат доста број на натпревари годинава. – потенцираше Бојиќ.

Охридските бели во сабота против Куманово на домашен терен ќе ги продолжат мечевите во Првата лига, додека во Втората АБА лига гостуваат кај екипта на Ловќен во Црна Гора.

Мх.П.