Љубителите на класична музика вчеравечер на „Охридско лето“ имаа несекојдневно музичко доживување со концерт за четирирачно пијано на Денис Расел Дејвис и Маки Намекава. Незаборавната Австриска вечер беше поддржана од Австриската амбасада во земјава и амбасадорот Мартин Памер.

Австриската вечер на „Охридско лето“ започна со увертира од Моцартовата опера „Магичната флејта“, а продолжи со две арии од првиот и вториот чин на операта. Потоа следуваше маестрална изведба на „Влтава“ од чешкиот композитор Беджих Сметана, едно од шесте композиции во неговиот славен циклус „Од мојата татковина“.
Иако оригиналното дело е напишано за оркестар, ние направивме аранжман за четирирачно пијано кое звучи невројатно убаво, но е премногу тешко за изведба, појасни реномираниот американско-австриски пијанист Денис Расел Дејвис.
Фестивалската публика исто така уживаше и во совршената изведба на „Фантазија во ф-мол“, едно од најубавите дела на Франц Шуберт напишано за пијано четири раце.

Освен што настапуваат заедно, двајцата уметници имаат успешни индивидуални кариери како пијанисти, а Денис Расел Дејвид и како диригент.
Јас сум и диригент и пијанист, а мојата сопруга Маки Намекава е пијанист. Вечерва заедно настапуваме на овој прекрасен концерт во преубавата црква „Света Софија“. Ова е прва наша посета на Охрид и многу сме импресионирани од тоа како бевме пречекани. Охрид е прекрасен град и се надеваме дека пак ќе се вратиме овде, рече Расел Дејвис.
За пијано дуото Денис Расел Дејвис – Маки Намекава дела пишуваат композиторите Филип Глас („Четири става за две пијана“) и Чен Ји („Западна кинеска свита“), а Филип Глас исто така го пишува делото „Два става за четири пијана“ кое двајцата врвни уметници го изведуваат со сестрите Катја и Марија Лабек. Во 2019 година јапонскиот композитор Џо Хисаиши им го посветува делото „Варијација 57“ за пијано дуо и камерен оркестар.
OhridNews













