Автобуската постојка кај зградата „Печијаре“ на булеварот „Туристичка“ веќе неколку недели наназад предизвикува метеж во сообраќајот, бидејќи е лоцирана многу блиску до новиот кружен тек. Возачите велат дека поради ново-обележаниот пешачки премин, автобусите и комбињата повеќе немаат соодветно место за запирање и често предизвикуваат закочување на сообраќајниот проток.

-Ова постојка е една од најфреквентните автобуски постојки во градот и на ова место автобусите и комбињата собираат многу патници и затоа имаат потреба подолго да се задржат на постојката. Со изградба на кружниот тек циркулацијата на возила треба да биде непречена, но бидејќи постојката е многу блиску до приклучокот од кружниот тек, превозниците се принудени да застануваат надвор од обележаниот простор, а поради големиот број паркирани возила во должина на булеварот, протокот на сообраќај не се одвива на соодветен начин, вели возач во една охридска такси компанија.

Дека постојката повеќе не е на соодветно место реагираат и пешаците.

-Постојката сега е речиси поклопена со пешачкиот премин, па неретко се случува да има паркирано комбе или автобус точно на пешачкиот премин, што секако ја загрозува нашата безбедност. Сметам дека проблемот не е во превозниците, туку во несоодветната сообраќајна сигнализација и тоа дека повеќе немаат соодветно место за запирање кога собираат патници, вели повозрасна охриѓанка.

Надлежните од општина Охрид велат дека во рамки на Проектот за изградба на кружниот тек кај Охридска банка е предвидено дислоцирање на постојката.

-Автобуската постојка треба да биде дислоцирана 20 до 30 метри во правец кон Гимназијата, со што ќе се овозможи простор за соодветно застанување на возилата за превезување патници. Според планираното, новата вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација за поместување на постојката ќе биде поставена откако ќе завршат сите предвидени работи за уредување  на кружниот тек, велат од Секторот за комунален развој, сообраќај и улици при општина Охрид.

Оттаму објануваат дека протокот на возила на кружниот тек кај Охридска банка и на целокупниот булевар „Туристичка“ значително ќе се подобри, откако ќе биде изграден кружниот тек на пресекот со улицата „Абас Емин“ и кружниот тек на пресекот со улицата „Јане Сандански“.    

Е.М