Во 2014 година се предвидува да почне изградбата на двете долгонајавувани и уште подолго очекувани автопатски делници Скопје – Штип и Кичево – Охрид, кои треба да дадат значителен импулс врз идниот развој на источниот и западниот дел на Македонија. Патот за нивна реализација го отворија пратениците во Собранието минатата недела, кога го изгласаа законот за реализација на овие инфраструктурни проекти и за гаранциите за кредитното задолжување кај кинеската Ексим банка од околу 580 милиони евра. Кредитот од половина милијарда евра е поделен така што 374 милиони евра ќе бидат наменети за поврзување на Кичево со Охрид, додека 206 милиони евра ќе се искористат за новиот автопат Скопје – Штип. Според бројот на километри за секоја од делниците, првата има просечна цена од околу десет милиони евра по километар, а втората околу четири милиони евра, анализира весникот „Нова Македонија“.

Во ЈП за патишта истакнуваат дека за цената на овие авиопатишта по километар доволно зборуваат идните градежни активности и зафати на двете делници, како и некои споредби со цените на автопатските решенија во регионот. 

– Овие износи се во согласност со добиените понуди, а регионалните споредби покажуваат дека во Хрватска имале просечна градежна цена на автопатиштата од 7,9 милиони евра, во Унгарија 11 милиони, а во Србија се нешто пониски, околу пет до седум милиони во северниот дел и околу 3,5 милиони евра на југот. Згора на ова, треба да потсетиме дека од 2008 година цената на нафтата, која е голем трошок во овие градежни зафати, е зголемена за 68 отсто – вели во изјава за „Нова Македонија“ Александар Стојанов, помошник-директор на ЈП за државни патишта.

Според информации од јавното претпријатие за државни патишта, кое заедно со Министерството за транспорт и врски е носител на активностите за реализација на двата нови автопатишта, обезбедувањето на парите за овие проекти ги забрза подготвителните активности на самите траси на идните автопатски делници, за веќе напролет идната година да можат да почнат и градежните работи. За таа цел, како што истакнува Стојанов, веќе се врши експропријација на имотот, како и проектантски активности. 

– Во делот на експропријацијата многу понапред сме отидени кај идниот автопат Скопје – Штип, преку Миладиновци, при што од вкупно 1.700 катастарски парцели, до пред некој ден беа останати да се експроприраат уште само дваесетина. Кај новата автопатска делница Кичево – Охрид оваа активност, со која практично се врши правно расчистување на теренот, на кој потоа ќе се изведуваат градежните работи, сѐ уште не е почната и очекуваме тоа да се случи наскоро. Веќе до крајот на годината треба да се потпише договорот со банката за кредитот, како и со изведувачот на градежните работи, по што може да почне и изградбата на двете нови автопатски делници – вели Стојанов.

Инаку, со кинескиот кредит ќе биде затворено 90 отсто од финансиската конструкција, додека преостанатите средства ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Врзана за кредитното задолжување е и одлуката двете нови автопатски делници да ги гради кинеската компанија, „Синохидро корпорејшен лимитед“, а главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 проценти од предвидените работи. Исто така, оваа компанија мора да набави најмалку исто толку проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во текот на изградбата треба да ангажираат и минимум 51 процент македонски државјани.

OhridNews неодамна ги објави деталите за автопатот Охрид – Кичево. Вкупната должина изнесува 56,7 километри. Ќе има две ленти по 3,75 метри во правец, лента за застанување од 2,5 метри, како и рабни летни и банкини по целата должина. Помеѓу двата коловози ќе има разделен појас во должина од 3 метри. Автопатот ќе има 6 натпатници, 13 потпатници, 22 мостови – вијадукти, 7 армирано бетоснки мостови, како и тунел под планинскиот превој Пресека со две цевки за двата правци во должина од 1990 метри. На новите автопати ќе се вози со брзина од 120 километри на час.

OhridNews
извор:„Нова Македонија“
фото: Илустрација