Напаѓачот на Барселона, Лионел Меси, е најскапиот светски фудбалер, додека Еден Азар на пазарот вреди повеќе од Кристијано Роналдо, покажува истражувањето на Меѓународниот центар за истражување (CIES).
Според истражувањето, Меси убедливо го држи првото место, бидејќи неговата цена се движи меѓу 255,3 и 280,8 милиони евра. Меси и оваа сезона имаше клучна улога во тимот на Барселона, во која тимот успеа да ја освои ’триплета’.
Големо изненадување на листата е местото на Кристијано Роналдо, кој се наоѓа на третото место, а пред него е Еден Азар.
CIES тврди дека на фудбалскиот пазар цената на играчот на Челзи се движи меѓу 135,4 и 148,9 милиони евра, додека цената на Роналдо изнесува меѓу 113,3 и 124,7 милиони евра.
Покрај статистичките параметри, при правењето на листата биле земени предвид и годините на Роналдо, односно дека тој е шест години постар од Азар.
Првите тројца се единствените на листата на CIES чија цена ја надминува границата од 100 милиони евра.
На четвртото место е Нејмар кој се проценува на 89,6 до 98,5 милиони евра, а меѓу првите пет се наоѓа и Серхио Агуеро чија цена се движи меѓу 78,2 и 86 милиони евра.
Меѓу десетте најскапи играчи во светот, според CIES, уште се наоѓаат: Рахим Стерлинг (73,7 до 81 млн евра), Пол Погба (70 до 77 млн), Диего Коста (69,9 до 76,9 млн), Алексис Санчез (67,8 до 74,6 млн) и Хамес Родригез (62,5 до 68,8 млн).
Инаку играчот кој го држи трансфер рекордот Герет Бејл, според CIES, е на 16-то место, тој на пазарот вреди од 51,3 до 56,4 милиони евра.
На листата на 20 најскапи играчи во светот единствен голман е Тибо Куртоа од Челзи кој е проценет на сума меѓу 50,3 и 55,3 милиони евра.
Исто така, CIES пресмета дека најскап тим има Барселона, вредноста се проценува на неверојатни 682 милиони евра, втор е Челзи (617,8), а на третото место е Реал Мадрид (545,1). Следуваат Арсенал, Ливерпул, Баерн Минхен, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Тотенхем и Јувентус.
„Макфакс“