Отстранување на сите бариери за водење бизнис во регионот, како и меѓусебно признавање на дипломите, звањата и сертификатите, подобра инфраструктура и брзо преминување на границите ќе обезбедат поголема конкурентност на регионот, е заклучокот по денешната средба во компанијата „Костал“ во Охрид на претседателите на стопанските комори на Северна Македонија и на Србија Бранко Азески и Марко Чадеж во рамки на Коморскиот инвестициски форум.

Сакавме да покажеме што значи регионалната економска соработка и се заблагодаруваме на компанијата „Костал“ што овозмжи токму тука да одржиме Управен одбор. Кога ќе видите што произведува „Костал“, високо комплексни електрични делови за автомобилската индустрија во цел свет, што се влегува во овие производи, тогаш ќе разберете што значи економска соработка во регионот. Ќе видите дека добавувачите на „Костал“ се во целиот свет, ќе видите дека овие производи не би биле да нема добри домашни компании кои се добавувачи и во Србија и во Босна и во останатите земји, ќе видите дека логистички е многу важно да нема препреки во нашиот регион и оттука компаниите може многу повеќе да работат, да произведуваат и да вработуваат луѓе и тоа е што ја сочинува економската соработка. За нас е битна економската соработка на целиот регион и важно е што политичарите веќе ја препознаваат истата и преку иницијативата „Отворен Балкан“. Друга страна зошто ни е важна економската интеграција на регионот, е што на пример во „Костал“ има 160 инжиниери и секогаш постои потреба од високо квалификувани кадри. Тоа што ние одамна предлагаме е да се признаваат квалификациите и да постојат заеднички работни дозволи во целиот регион. Така ќе има и многу стручњаци од сите земји, тие слободно ќе можат да работат низ регионот. Кои се предностите на економската интеграција е најдобро да се види низ една компанија, кога ќе се види што произведуваат, кои се добавувачи, каде оди извозот, од што се зависни, кои се логистичките патишта рече Чадеж.

Коморскиот инвестициски форум, според Азески, е единствена институција која ги обединува интересите на приватниот капитал на Западен Балканима и има значајна улога во работењето на економиите.

За нас е битно ова, бидејќи претставувањето на приватниот сектор за нас е многу значајна работа во однос на политиките што ги води јавниот сектор. Кај нас на Балканот политиката секогаш се наметнува над бизнисот и тоа не става пред нови предизвици. Прв пат гледаме една друга приказна која се обидува да ја сврти позицијата на јавниот и приватниот сектор како на Запад. Тоа значи приватниот да стане доминантен во отворањето нови работни места. Работиме целосно на тој план, рече Азески.

За генералниот менаџер на компанијата „Костал Македонија“ Виктор Мизо, важно е да се зголеми соработката со локални, односно регионални добавувачи и да ги подигнат нивните знаење.

Секоја земја индивидуално е премногу мала да се концентрираме само на една. Ние сме една од ретките компании, која има и тим за соработка со локални добавувачи и подобување на нивните знаења, можности и квлаификации. Веќе имаме од Босна и Херцеговина и Србија, планираме да ја прошируваме соработката и со други компании од Западен Балкан, а веќе работиме и со фирми од Хрватска, Словенија и Бугарија. Место да увезуваме работна сила тоа го правиме од регионот, но квалификуваме локални компании кои стануваат многу поконкурентни, истакна Мизо.

Соработката во регионот, нагласи тој, подобрувањето на инфраструктурата и едукативниот систем, како и брзото преминување на границите ќе обезбеди поголема конкурентност на регионот.

OhridNews