
Книгата од македонски на бугарски јазик ја преведе Емилија Миразчиска, а како редактор на препевот се јавува Роман Кисјов, осведочен преведувач на македонската поезија на бугарски јазик. Поговорот на книгата го напиша познатиот бугарски поет Александар Шурабанов, а придружен текст има и англискиот поет Том Филипс. По книгите „Зборови и вода“ и „Последните ракописи“ оваа е трета книга на Ѓорѓо Димоски на бугарски јазик .
Книгата „Јазичен триптихон“ во 2015 година ја објави „ПНВ Публикации“ и ја доби наградата „Ацо Шопов“, а во 2016 година „Архипелаг“ од Белград ја објави на српски јазик.
Јазичен триптихон со која Славе Ѓорѓо Димоски се презентира пред бугарските познавачи на поезијата, всушност е една постојана мистична поема за раѓањето на светот и човекот од вселенската утроба. Со своите космогонистички теми нè потсетува на епохите на Милтон и Де Бртас и на нашиот Светослав Миларов, но, во хармонија со постмодерната ера на која ѝ припаѓа ова дело ги црпе своите идеи и слики од најширокиот спектар на извори од сите географски насоки. Славе Ѓорѓо владее со поетскиот збор и знае како да го принуди нас да нè освои, да нè потопи во сопствените тревожни сонувања. Ете таква поезија, чинам дека недостасува во нашата земја. – во својот поговор ќе напише Александар Шурбанов.
Славе Ѓорѓо Димоски е значајна фигура во современата македонска поезија. Следејќи естетска и метафизичка логика која може да изгледа истовремено и игрива и ригорозна, песните во оваа збирка ги проучуваат основните прашања во врска со животот, смртта, јазикот и значењето и заземаат вербален универзум кој успева да биде истовремено и концизен и богат. Тие се еден вид “мит за потеклото”, и како такви одат до коренот на нештата преку постојан ангажман со вечните парадокси и со можностите на јазикот како средство за создавање на значења и вредност од наизглед хаотичниот тек на нашето постоење. Како истражувач и водач, Димоски никогаш не престанува да фасцинира – и оваа книга отвора интригантни лингвистички и филозофски терени. Ако поезијата е сериозна игра, тогаш ова е несомнено поезија. – ќе дополни Том Филипс.
Оваа е деветнаесетта поетска книга на Ѓорѓо објавена на странски јазик, а одделни песни и поетски циклуси преведени се на над триесет јазици. За неговата поезија напишана е едена есеистичка книга, а во Италија одбранет е магистерски труд.
За својата поезија повеќекратно е наградуван во земјава и странство, а меѓу наградите се „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Ацо Шопов“, „Сергеј Есенин“ (Русија), „Гран-при на европската поезија“ (Романија), и двапати на охридскато највисоко признание “Св. Климент Охридски, патрон на Охрид“, еднаш за особен придонес во подемот на Охрид и еднаш за животно дело.
OhridNews











