Детската бадникова песна која го најавува Христовото раѓање, одекна силно во Охрид и околните населени места и покрај дождливото време.

Бадниковата поворка во Велгошти посилна од дождот. Фото: Томе Љушев – Шпанец.

Младите бадникарчиња во Велгошти поворката ја почнаа од црквата Св. Димитрија, по што продефилираа низ локалните маала и улици каде беа дарувани со новогодишни пакетчиња.

Бадникова поворка во Велгошти

Бадникова поворка имаше и во дождливиот Охрид. Младите бадникари наместо на плоштадот „Св. Климент Охридски“, беа пречекани во центарот за култура. Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, кој и подели новогодишни пакетчиња.

‎На моја голема радост, најмладите денеска ни покажаа дека верата и традицијата не запираат пред никакви пречки. Охридските улици и Центарот за култура беа исполнети со свечена и топла атмосфера, во духот на христијанството и заедништвото. ‎Бадниковата литија, која традиционално се одржува секоја година и овој пат беше показател за духовноста на нашиот град и неговата длабока поврзаност со христијанските вредности.‎

Нека е за многу години и нека овој празничен ден ни донесе многу здравје и среќа! – порача градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Бадникови поворки денеска имаше и во Трпејца, Елшани, Пештани, Лескоец, Оровник, Дебрца во Требениште и Мешеишта, како и во Струга и околните села, Мислешево и Дрслајца.

Г.М.