Охриѓанецот во дресот на Кораб, Фатмир Бафто две години е незаменлива алка на голот од дебарската екипа која минатата година избори пласман во втората македонската фудбалска лига. Поранешниот голман на  Охрид 2004 и Охрид Лоте, Бафто заедно со останатите фудбалери имаа успешна полусезона во второлигашкото друштво.

–    Сезоната каде се натпреваруваме во третата лига помина одлично, обезбедивме пласман во втората лига што престатуваше голем успех за мене и екипата. Во втората лига противниците се поквалитетни, се игра подобар фудбал а почетокот на првенството не ни беше по планираното и не ги покажвме квалитите кои ги поседуваме. Паузата ќе ја искористиме да се спремиме, физички и тактички и да собереме сили да ги поправиме грешките од есенскиот дел – потенцираше Бафто.


Фудбалерите на Кораб во пролетната полусезона ги очекува “грчевита“ борба за опстанок во втората лига по ранг во Македонија. Лесно може да се случи Бафто да го напушти тимот и среќата да ја побара на друго место.

–    Искуството што го стекнав во Кораб е големо, имам само добри спомени од клубот.  Секој натпревар кој го игравме на домашен терен е приказна за себе, стадионот беше полн до последното место. Мојата иднината ќе зависи од тоа каква понуда ќе стигне до мене  во зимскиот преоден рок – заврши Бафто.

По одиграни 15 рунди “новајлијата“ во втората македонска фудбалска лига е 14-то пласиран со 13 бодови еден помалку од Осогово и два повеќе од претпоследната Руфеја.

Мх.П.