Охридските љубители на добрата музика, вчеравечер имаа можност да уживаат во изведбата на безвремените евергрини во рамки на најголемата предновогодишна забава „Зимска Бајка“ која се одржа во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Беспрекорните изведби на Емилија Маринова и Јован Куциноски,надополнети со маестралното музицирање на Горан Папаз – саксофон, Филип Стојкоски Зизи – тапани, Јане Тодороски – бас и Јован Бочвароски – гитара, ја претворија оваа вечер во бајковито музичко уживање.
„Чест, задоволство но и голема одговорност е да се свири “дома”, пред својот народ. Вчерашниот концерт беше вистинска бајка за мене. Совршен концерт од секој можен аспект. Организацијата на ниво, сценографијата, бендот, хуморот, преубавите луѓе, барањето на карта повеќе е мотив да овој настан прерасне во традиција и да се негува уште многу години понатака.“ – иазјави Горан Папаз
Со својот препознатлив хумор, предновогодишната забава ја збогати и стендап комичарот Никола Тодороски, кој премиерно изведе дел од својот нов стандап материјал.
“Долгонајавуваната предновогодишна Зимска Бајка се случи синоќа и според мене, а верувам дека и публиката го дели моето мислење, блесна во полн сјај. Мислам дека зaедно со колегите од музичкиот дел успеавме да подариме на луѓето кои присуствуваа квалитетно поминато време исполнето со многу енергија и со многу смеење. Ова за мене беше последен настап годинава и беше цреша на врвот на сладоледот. Годинава на професионален план имав доста успеси и ми е многу драго што вака квалитетно ја завршувам. Веќе со екипата, под импресии од синоќешниот настан, размислуваме за следни слични настани кои ќе се трудиме да бидат уште поубави во секоја смисла на зборот. Од моја гледна точка факт е дека смеењето е реткост но јас се трудам тоа да прерасне во навика.“ – истакна Никола Тодороски.
Целокупната атмосфера беше надополнета со прекрасната новогодишната декорација на сцената, за која се погрижи исклучително креативниот тим на „Импакт груп“. За специјалните светлосни и звучни ефекти беше задолжена екипата на „Лабино саунд“. Помагатели на настанот беа винаријата „Тиквеш“, „Горска“ и бензинска пумпа „Окта“ – Охрид,а ексклузивен покровител беше OhridNews.
OhridNews
Фото:Емилио