Со изложба на 25 дела инспирирани од богатото културно наследство и традицијата која е нераскинлив дел од животот на овие простори, што се одржа вчеравечер во гимназијата, охриѓанката Данче Наумоска одбележа 25 години уметничко творештво со бакар.
На изложбата насловена „Приказ на животот преку виното“ присуствуваа голем број граѓани, пријатели, блиски, кои имаа можност да ги погледнат инспиративните дела на Наумоска.
Пред присутните за творештвото на Наумоска говореше Данче Матова, историчар на уметност. Таа посочи дека уметничката го открива чудесниот свет на бакарот и ни овозможува сите да го почувствуваме преку нејзините дела.
Во овој богат свет во кој твори Данче како што самата вели истражува, греши, учи, сака да внесе нови идеи. Три генерации една приказна се врзани во овој семеен бизнис. Првиот е нејзиниот татко, Данче, нејзиниот сопруг и нејзиниот син Кирил кој повеќе од три години е вклучен максимално со свои идеи. Оваа изложба е посветена на виното зошто сите ние сме дел од Божјото лозје. На Данче инспирација и е нашето богато културно наследство. Охрид и е непресушен извор на инспирација. Зависно која и е замислата со подлога на бакар Данче создава дела не само во уметноста, подеднакво е квалитетна кога ги прави уникатните парчиња накит каде што основата е бакарот, а користи и други елементи што го прават посебен. Во време на пости има посебен поттик да изработува икони, во чија изработка внесува комбинација од цртежи на платно, а работи повеќе техники. Вели дека во секое свое дело сака да даде посебен печат, карактеристичен за неа, уникатен, посочи Матова.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, истакна дека се работи за единствената жена која создава уметнички дела од бакар.
Општина Охрид секогаш ќе ја поддржува културата и културните настани и се тоа што се случува во рамки на културните манифестации. Така го воздигнуваме градот на ниво на кое треба да биде зошто само преку културата ќе растеме и ние. Посакувам уште многу успеси. Ова е изложба која преку спојувањето на природата, бакарот и виното го претставува животот на човекот, додаде Божиновски.
Авторката на изложбата Данче Наумоска потенцираше дека оваа изложба за неа не е само јубилеј, туку сведоштво за еден пат што го започнала следејќи ги чекорите на татко и.
Моите почетоци датираат многу одамна во детството кога пред 25 години почнав да се занимавам во ова. Од првата табла бакар во мојата работилница, до создавање на брендот Cooper Art и сега со нова енергија и идеја што доаѓа од мојот син Кирил. Не би стигнала до овде ако ве немав вас како мои клиенти, поддржувачи на традицијата, културата и уметноста. Инспирирана од иконостасите во нашите цркви, богата историја и занаетчиство, го изработив моето прво дело „Винова лоза“. Од желбата да се поврзам со тие корени се роди и темата на оваа изложба „Приказ на животот преку виното“. Во оваа изложба се претставени петте фази на животот како постојан циклус на нашето постоење преку симболиката на виното, што го следат текот на постоењето, од настанување преку плод, раст и заедништво во духовност и смиреност. Секое дело има своја приказна, вели Наумоска.
Оваа изложба беше заеднички проект на цела фамилија, мое лично патување кое за мене беше многу повеќе од креативен процес, рече Кирил Наумоски, син на Наумоска.
Преку овој пат добив длабока инерција да ги цениме ресурсите со кои располагаме најмногу времето како најскапоцено. Не треба да добиеме перфекција туку да вложиме колку што знаеме. Гледајќи ја мајка ми како создава научив дека уметноста не се создава од брзата инспирацијата, туку од секојдневната посветеност, потенцираше Наумоски.
Изложбата „Приказ на животот преку виното“ се реалзираше со поддршка од Општина Охрид.
Фото галерија:
Охриѓанката Данче Наумоска одбележа 25 годишен јубилеј уметничко творештво
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска