Најавената авиолинија Охрид- Белград- Охрид, на чија реализација интензивно ќе се работи во наредниот период, ќе придонесе за значителен развој на туризмот во Охрид. Освен за гостите од Србија, патувањето во голема мера ќе биде олеснето и за туристите од прекуокеанските земји и за нашите иселеници, смета градоначалникот Никола Бакрачески.
– Со поврзувањето и конекциите кои белградскиот аеродром ги разви изминатите неколку години, Охрид ќе биде поврзан и со голем број европски дестинации од кои може да идаат гости. Со најавената линија на белградскиот аеродром со Њујорк, која ќе започне да оперира пет пати неделно почнувајќи од јуни годинава, се создаваат можности, доколку секако го потпишеме договорот, за поврзување на охридскиот аеродром и со прекуокеанските држави како што е САД и привлекување гости од таму, а ќе ја привлечеме и нашата дијаспора која ќе може на полесен начин да дојде во Охрид, рече градоначалникот Бакрачески.
На покана на менаџментот на „Ер Србија“, вчера градоначалникот оствари работна средба со менаџерскиот тим на авио компанијата, на која беа разгледани можностите за воведување авио линија Охрид- Белград.
– Остваривме конструктивна средба на која беше пројавен взаемен интерес за воспоставување на редовна авио линија за која локалната самоуправа има особен интерес. Изминатите години во континутет правиме напори за оживување на охридскиот аеродром кој долги години наназад, за жал, остана без сообраќај или со минимален сообраќај, рече Бакрачески.
Наредните две недели ќе се интензивира комуникацијата со менаџментот на компанијата со цел што поскро да завршат процедурите и да стартува авиолинијата.
Бакрачески информира дека се прават напори за воспоставување на авиолинии и до некоја од дестинациите во северна Италија или северна Германија.
Т.К.