Точно е дека има некое покачување на платите на директорите на јавните претпријатија, меѓутоа сметам дека и не е до толку неоправдана таквата одлука на управните одбори кои управуваат со претпријатијата, затоа што просечната плата на директорите беше околу 25.000 денари, вели градоначалникот Никола Бакрачески, коментирајќи ги денес искажаните обвинувања од општинската СДСМ дека платите на вработените во јавните претпијатија доцнат, а платите на директорите се зголемиле за 10.000 денари.

– Ќе се сложите дека за директор на големо јавно претпријатие, од кои три имаат над 100 вработени, а останатите од 50 до 100, драстично не го засега буџетот на овие претпријатија. Директорите во овој период од три години, покажаа завидни резултати во работењето, во услови кога без исклучок сите од нив имаа блокирани сметки и огромни наследени долгови, а некои и имот под хипотека која можеше да биде активирана и дел од имотот изгубен. Овој период голем дел од нив вратија значителен дел од долгот, некои успешно менаџираат со блокирана сметка, а некои си ја повратија сопственоста на имотот кој можеше да биде изгубен. Нема драстично големо покачување на платите се додека тие ги задржуваат принципите на чесно, отчетно и транспарентно работење и домаќинско справување со средствата и со буџетот. Доколку јас видам отстапување од овие принципи ќе преземеме соодветни мерки со кои секако доаѓа во предвид и промена на директорското место, изјави Бакрачески.

Во врска со одржаната прес конференција на СДСМ, во реакцијата на локалната самоуправа се наведува дека Отчетот на  градоначалникот Никола Бакрачески за периодот од април 2013 – 2016  е најобемниот, најсериозниот, јавен документ  кој го одразува  напорното, одговорно  и посветено работење на градоначалникот  и тимот на оваа локална самоуправа.  

– Ниту една политичка сила, а најмалку СДСМ-Охрид за кого поимите чесност и одговорност се само апстракции, може да ги побие изложените факти и аргументи  кои се документирани, евидентирани и статистички обработени. Чесната работа, чистиот образ, искрениот пристап, напорната работа и транспарентноста во работењето се пет основни постулати со кои се одликува оваа локална власт, а се дијаметрално спротивни на деструктивните и манипулаторски постулати на СДСМ – Охрид  од кои  градов  силно пропати. Спремноста и после три години од практикување на власта исправено, гордо  и  со директен  поглед во очи да се стои пред народот е доблест досега невидена на овие простори и својствена само за градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот начин на работа, велат од локалната самоуправа.

OhridNews