Продолжуваат средбите на кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Никола Бакрачески со различните целни групи во општината со цел запознавање со проблемите со кои се соочуваат и изнаоѓање решенија за истите.

Д- р Бакрачески деновиве оствари средба и со членовите на Здружението за бродари и посади на брод , останати наутичари и  набљудувачи на здружението, на која се дискутирало за актуелните состојби во бродарството и пловидбата , како и за инфраструктурните зафати кои  е потребно да се преземат заради обезбедување на побезбедна пловидба и валоризација на наутиката како туристичка понуда.

Бакрачески беше запознаен со фактот дека на Охрид му недостига модерна марина и ремонтен центар за бродовите, модерна и по ЕУ стандарди бензинска пумпа  за пловни објекти,   со потребата од продлабочување на пристаништата    и ред  други забелешки, при што му беа пренесени и советите од страна на стручната јавност за решавање на  наведените проблеми.

–    Од наша страна како Здружение на бродари  ги истакнавме проблемите со кои секојдневно се соочуваме во пловидбата. Немаме добро пристаниште за заштита од невремиња, немаме ремонтен центар  со бензинска пумпа за бродовите и помалите пловила, така што сеуште се наоѓаме на незадоволително ниво на опременост во тој поглед. Апелираме до идниот Градоначалник да посвети големо внимание на проблемите во наутиката  бидејќи таа  како и инфраструктурата врзана за неа се од непроценливо значење како туристичка понуда за Охрид бидејќи 90 % од гостите кои одмараат во Охрид ги користат нашите услуги, велат од Здружението на бродари.

Кандидатот за градоначалник, Никола Бакрачески, изразил разбирање за проблемите на бродарите и ги уверил дека нивните потреби ќе бидат на приоритетна листа  во   неговата работа  како иден татко на градот.

OhridNews