И по добивањето на градоначалничката функција ќе останам посветен на професијата , и како што ветив најмалку еднаш во неделата ќе работам во Центарот за кардиоваскуларни заболувања, при што ќе изведувам од 5 до 7 интервенции, порача кандидатот за градоначалник од коалицијата За подобра Македонија, д- р Никола Бакрачески, од своето работно место, по денешното изведување на сложена интервенција во одделението за интервентна кардиологија.


Бакрачески истакна дека за тимот со кој работи и на кој е особено горд и понатаму ќе биде секогаш достапен за консултации.

– Во секое време од денот, независно дали е празник или не, ќе влезам во операциона сала секогаш кога мојот тим има потреба од мене при изведување на тешки и комплексни интервенции. Јас и мојот тим бевме тие кои изминативе години во служба на охриѓани и многу други пациенти од други градови од земјава и поширокиот регион не штедевме од нашето слободно, од викендите, работевме во било кој дел од денот.  Тимот е составен од стручни луѓе кои се стекнале со знаење и искуство во еминентни центри во Европа и Америка. Горд сум на нив можам да ве уверам дека ова е тим кој може да одговори на сите предизвици во интервентната кардиологија, рече д- р Бакрачески.


д- р Бакрачески изрази благодарност и до сите останати вработени, со кои како што рече, заводот во изминатите години доживеал рапиден раст и развој. Бројот на здравствените услуги се зголемил од 300 до 500 %, а во дел од одделенијата и до 1000 %. 

Бакрачески потенцира дека заводот располага со најсовремена опрема за изведување на интервенции и дека се прават максимални напори за да се обезбеди и поголема и пофункционална зграда за обавување на дејноста.

Т.К.