Јавните институции од областа на културата во Охрид успешно функционираат и немаат  долгови, изјави денес министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска која е во работна посета на Охрид.

Како што информира министерката, во тек е реализацијата на неколку проекти во Охрид. Градежните активности за реконструкција на потпорните ѕидови на Долни Сарај интензивно се вршат, а наскоро ќе се изврши и најавеното монтажно покривање на сцената на Долни Сарај и Античкиот театар. 


– Се надевам дека голем број проекти ќе бидат испратени и на годинешниот распишан конкурс за финансирање на проекти од областа на културата за 2014. Со добра динамика се одвиваат и активностите на просторот Плаошник,  средувањето на доделениот простор за потребите на охридската библиотека, во целост е подготвена програмата за годинешното издание на фестивалот Охридско лето, а морам да потенцирам и дека успешно функционира и Народниот театар, изјави Канческа- Милеска, по средбата со градоначалникот Никола Бакрачески, на која присуствуваа и директорите на националните установи од областа на културата во Охрид.

Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека за успешна реализација на проектите од особено значење е добрата комуникација и подршка од централната власт и министерството за култура. Информира дека на денешната средба со министерката, станало збор за неколку капитални инвестиции  кои би се реализирале во иднина и би значеле многу за културниот живот во градот.

– Се надевам дека со помош на министерството за култура ќе се реализираат моите изборни ветувања од областа на културата. Разговаравме за реализација  на уште две капитални инвестиции, како што се изградбата на  театар, мултифункционален објект во кој би биле сместени повеќе институции од областа на културата, како и долго очекуваниот градски музеј, рече Бакрачески.  

По средбата, Канческа-Милевска и градоначалникот Бакрачески ја посетија Куќата на Ајри Доко, каде е завршена третата фаза од конзервација како и Куќата на Бојаџиеви, каде е завршена реконструкцијата на фасадата на овој автентичен примерок на стара градска охридска архитектура.

Т. К.