На собир со граѓаните на Охрид што се одржа попладнево на централниот плоштад „Св. Климент Охридски“, кандидатот за градоначалник од коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ и кандидатите за советници, ги упатија последните пораки до електоратот пред неделните локални избори.

Кандидатот за градоначалник д-р Никола Бакрачески, истакна дека е горд на спроведената коректна, фер и достоинствена кампања, во која, како што рече, биле промовирани позитивни вредности, кој тој очекува да бидат препознаени од гласачите.

-Особено сум горд и задоволен од средбите со граѓанјте, од тоа што чувме од нив. Тоа се граѓани кои во изминатите 8 години беа изложени на газење на нивното достоинство и гордост. Културните, историските и традиционалните вредности на Охрид беа засенети и сите тие бараат промена, бараат еден нов правец на движење на градот. Од нив ја црпевме енергијата, но и предлози и идеи кои ги инкорпориравме во програмата, која е најсериозна и најобемна било кога создадена во Охрид и во која може да се пронајде секој граѓанин на Охрид, истакна Бакрачески.

Тој смета дека охриѓани заслужуваат многу поинаков Охрид, а Охрид подобра иднина.

-Затоа ги повикумам на 24 март ги повикувам масовно сите охриѓани да излезат на гласање и да го дадат гласот за ВМРО ДПМНЕ и Никола Бакрачески, затоа што само така нивните желби кои што ги слушавме во сите три недели од кампањата ќе станат реалност.-рече Бакрачески.

Тој ги повика граѓаните во недела да дојдат на централниот плоштад за заеднички да ја прослават победата на ВМРО ДПМНЕ и Никола Бакрачески на претстојните локлани избори.

На медиумите им се обрати и носителот на листата за советници од коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ, Јованка Точко.

-Во текот на овие изминати денови водевме исклучително позитивна, слободна и фер кампања. Остваривме непосредни, искренин и пријателски средби со граѓаните. Бевме со и меѓу народот. Сите ние кандидатите од советничката листа со реден бро. 4 заедно со кандидатот за градоначачлник Никола Бакрачески со реден бр. 19 бевме истрајни и трпеливи во сослушување на проблемите од секојдневието и така и во иднина ќе работиме заедно со вас.-рече Точко.

Таа најави дека советниците на ВМРО ДПМНЕ ќе работат во интерес на граѓаните, чесно, одговорно и професионално и ќе даваат отчет. Таа изрази дека граѓаните ќе ја препознаат вистинската опција и на 24-ти ќе ја дадат поддршката за советничката листа со реден бр. 4 и за кандидатот за градоначалник со реден бр. 19, со што во Охрид ќе дојдат долго очекуваните промени.

Г.М.