Пред завршувањето на мандатот, градоначалникот Никола Бакрачески заедно со раководителите на сектори и директори на јавни претпријатија, денес, изврши обиколка на проектите чија реализација е во тек или се во завршна фаза. Како што нагласи Бакрачески, целта е да се продолжи праксата на контрола на работите и увид на активностите кои се изведуваат од локалната самоуправа и партнерите.

Во рамки на обиколката, беше посетена и локацијата каде се гради затворениот зелен пазар.

– Особено ме радува тоа што изградбата напредува со полн интензитет, што дава надеж дека во предвиденото време, одредено за градба, активностите ќе завршат и со тоа го исполнуваме даденото ветување. После обемната работа за обезбедување на потребната проектна и градежна документација и согласности од надлежни министерства, сме во можност ветувањата да ги реализираме. Со овој објект градот не добива само пазар, туку и шопинг мол и најважо катна гаража со можност за паркирање на околу 100 возила во центарот на градот, нагласи Бакрачески.

Во однос на изградбата на новата автобуска станица, Бакрачески информира дека според проектот изгледа многу современо.

– Веќе утре инвеститорот потпишува договор за партнерство со Џамбо Веро, странски инвеститор кој на неколку локации во Македонија веќе има изградено шопинг центри и со тој договор се предвидува изградба на шопинг центар на површина од 10.000 метри квадратни. Со тоа, градот добива два центри за пазарење, обезбедени од оваа локална самоуправа, рече Бакрачески.

Во завршна фаза е и реконструкцијата на тротоарите, велосипедската патека и дрвореди на булеварот Туристичка.

– Веќе е изведена дел од атмосферската и фекална канализација, нови тротоари, во тек е подготовката на металните огради околу дрвата. Според препораките на стручните лица, нови дрвореди кои ќе го красат градот и Туристичка ќе се садат кон крајот на октомври, информира градоначалникот.

Во завршна фаза се тротоарите на улицата „Гоце Делчев“, како што рече Бакрачески, активности кои се преземаат по изминати 40 години.

Бакрачески истакна дека и во завршниот дел од мандатот на овој состав на локалната самоуправа сите соработници се максимално посветени на извршувањето на своите работни обврски, во интерес на градот.

Т.К.