15 милиони евра ќе чини инвестицијата на германската компанија „ОМВ електрик“ во Охрид, во делот на автомобилската индустрија. Ова денеска го најави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, информирајќи дека истата ќе биде лоцирана во близина на локалитетот „Св. Еразмо“, а ќе се простира на површина од 10 илјади квадратни метри.
Првиот човек на градот, истакна дека во наредните два до три месеци на обука и доедукација во Германија ќе бидат испратени околу 100 вработени, кои потоа во септември оваа година ќе започнат со редовен производствен процес.
„Понатака плановите на овој голем германски гигант е да почне изградбата на голем капацитет од 10 илјади квардратни метри кои во наредните четири ќе години ќе запосли 1000 луѓе. Се работи за германско производство на мехатроника за серво управувачи, за воздушни перничиња, за сигурносни појаси и електромотори и тоа за потребите на автомобилските гиганти во Германија, како мерцедес, БМВ, фолксваген и порше.“ – истакна Бакрачески.
Како што потенцира Бакрачески, приоритетот на локалната самоуправа е подигнување на локалниот економски раст во градот и креирање нови работни места,
„Реализирањето на оваа голема странска инвестиција е плод на нашите напори кои ги имавме во изминатиот период заедно со Владата низ интензивно лобирање и претставување на нашите можности и капацитети. Нудење на сите оние олеснувања кои локалната самоуправа може да ги даде на потенцијалните странски инвеститори. Морам да истакнам дека прв пат после цели 24 години во Охрид и охридскиот регион, после период на масовно затворање на индустриско стопанските капацитети во градот и масовното отпуштање од работа, ова е прв заеднички напор со Владата за отворање стопански капацитет кој ќе вработи 1000 луѓе во наредните четири година.“ – потенцира Бакрачески.
Тој најави дека во првата половина на месец мај ќе биде официјално претставена и уште една странска инвестиција во Охрид во делот на производство на делови за автомобилската индустрија, која предвидува вработување на 800 лица.
Исто така, Бакрачески најави завршување на планската документација за индустриската зона во Мауцкер, за која заинтересираност за инвестирање пројавиле неколку компании.
„Веќе имаме најави на компании кои се заинтересирани да инвестираат во оваа зона, за две локации погодни за изградба на откупно дистрибутивни центри со ладилници за овошје. Сето тоа ќе вроди со плод и од овој ден, ќе зборувам за креирање на нови работни места по пат на ситмулирање на домашни и странски инвестиции преку погодности кои локалната самоуправа го овозможува.“ – најави Бакрачески.
OhridNews












