Сакам да упатам јасна и недвосмислена порака до вработените во локалната и јавните претпријатија кои произлегуваат од нејзе дека јас како иден градоначалник немам намера  да отпуштам од работа вработени, туку напротив ќе дадам се од себе заедно со мојот тим истите  да почнат  да земаат редовна и   полна плата, рече на денешната прес- конференција кандидатот за градоначалник од коалицијата За подобра Македонија, д- р Никола Бакрачески, сакајќи како што рече, да ги разјасни невистините кои деновиве се пласираат меѓу вработените, дека со доаѓањето на  Бакрачески Никола и ВМРО-ДПМНЕ во локалната самоуправа и во јавните претпријатија ќе почнеле масовни отпуштања од работа на вработените.

– Бакрачески Никола во својата кариера не се случило да отпушти нити еден вработен од работа.  Бакрачески Никола е познат по тоа што вработува луѓе. И не само тоа, Бакрачески Никола е човекот кој во 2007/2008 година ги врати на работи во Заводот за кардиоваскуларни заболувања најголем дел од луѓето кои во текот на 2004 година беа бездушно избркани од работа и оставени на улица од страна на истомислениците  на Петрески,  иако беа социјално најзагрозени категории на граѓани, не покажувајќи ни грам совест и грижа за нивните маки и јадови. Јас како Директор на Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид не се случило да не исплатам ниту една плата, не се случило да закаснам ниту една плата, не се случило да не исплатам ниту еден денар за ниту една  минута од ангажманот на моите вработени, било тоа да е во редовно или прекувремено работно време, изјави Бакрачески.

Тој додаде дека никогаш повеќе администрцијата нема да се користи за пополнување на протести , митинзи и автобуси, туку дека ќе биде администрација за респект.

– Јас знам дека  месециве наназад, вработените во општинската администрацијата беа малтретирани, тероризирани, живееа под закани и уцени при што јасно укажувам дека тое е недозволливо и дека никогаш повеќе нема да се повтори. Нити кон нив ,нити кон вработените во јавните претпријатија ,нити кон вработените во образованието. Газењето врз  нивното достоинство е срам за оваа гарнитура на Локалната самоуправа и овој Градоначалник и јас ќе се ставам во нивна заштита. Сите кои  посегнале да им прават мобинг на работните места, кои  им се заканувале , ги заплашувале и уценувале со нивната работа или по нивната плата и примања ви ветувам дека ќе бидат санкционирани без исклучок и нема да има простување, рече кандидатот за градоначалник од коалицијата За подобра Македонија.

Бакрачески потенцира дека во функционирањето на идната локална самоуправа ќе ги примени истите принципи и постулати, со кои го води Заводот за Кардиоваскуларни заболувања, со уште посилно  темпо , крајно посветено  и раководен исклучиво од  љубов кон Охрид.

– Локалната самоуправа Охрид  ќе  стане пример како посветено и одговорно се управува со градот. Таа мора да биде симбол на квалитет ,чесност, принципиелност и законитост. Во таа посветеност прв и основен сегмент треба да биде начинот на работа на општинската администрација. Администрацијата  ќе биде деполитизирана и професионална како што доликува и согласно законот, и исклучиво ставена во сервис на граѓаните на Охрид . Како таква ќе ја реорганизираме, систематизираме, посветено и одговороно ќе работиме и како таква Охридската администрација ќе биде  најдобрата, рече Бакрачески.

OhridNews