– Во програмата за Охрид нудам изградба на повеќенаменска универзална сала по пат на Јавно приватно партнерство. Преку изградба на ваков комплекс ќе создадеме услови да се одржуваат низа на културни манифестации, концерти,опера ,балет и тетар. Тоа е неопходен објект кој што мора Охрид да го има и во мојот мандат и ќе го добие, рече на денешната прес- конференција кандидатот за градоначалник д- р Бакрачески.
Освен изградба на Универзална сала, Бакрачески најави дека со 3 милиони денари пари од општинскиот буџет ќе се изврши и реновирање и реактивирање на летната кино бавча во состав на Центарот за култура.
– Летното кино беше симбол на Охрид и тој симбол ќе го вратиме во функција на граѓаните и туристите во градот. Но тоа ќе биде истовремено и место за одржување на манифестации и фестивали кои ќе ги поддржиме како што се Охридски филмски фестивал , студентски фестивал за театар, младински фестивал за алтернативни уметности, ликовни колонии и многу други манифестации. Охрид мора да блика од културни настани и заради себеси и заради туристичката понуда, рече д- р Бакрачески.
Покрај инвестициите во културата, Бакрачески потенцира дека како иден градоначалник на Охрид, во голема мера ќе инвестира во враќањето на културниот збор , како што рече, во враќањето на нарушеното достоинство на Охрид.
– Охрид беше годиниве наназад изложен на потсмев заради падот на нивото на јавниот збор, заради недостигот на речник, заради измешаните вредности . Мојата цел враќање на дигнитетот на градот ,промоцијата на културната мисла и идеи ќе ја остварам преку формирањето на Советот на градски татковци во кој видни охриѓани покрај идеите и искуствата корисни за напредок на Охрид ќе помогнат во враќањето на достоинството на градот , во враќањето на важноста на Охрид, додаде кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ.