– Охрид мора да биде симбол на прогрес, на иднина,на развој и затоа сиот мој личен капацитет и знаење со кој и досега сум придонесувал за Охрид и регионот ќе го ставам во функција на својот град и граѓаните. На Охрид мора да му се случат промени и тие промени да бидат водич за попросперитетен град во туристички и организациски смисол, истакна Бакрачески.
Tој потенцира дека кампањата за претстојните локални избори ќе ја води врз основ на програма што ја има доставено до партијата и која ќе ја реализира заедно со работниот тим .
– Бевте со мене кога заеднички го споделуваме задоволството и восхитот од развојните успеси на Заводот за Кардиоваскуларни Заболувања-Охрид, при промовирањето на голем број нови техники, методи и процедури во дијагностиката и третманот на болестите, и при подигнувањето на здравствената нега на граѓаните во овој регион на едно високо европско и светско ниво. Бидете и сега , а и во иднина дел од промовирањето на позитивните вредности, новите развојни програми и проекти , како и современите европските стандарди во функционирањето на идната и сосема нова локална самоуправа предводена од луѓе професионалци и луѓе со високо почитување и во Охрид и во Македонија, рече д- р Бакрачески.
Меѓу неколкуте проекти кои ги издвои од програмата: се субвенциите од општинскиот буџет за станоиздавачите во Охрид во висина од 1.000.000 денари, привлекувањето на инвеститор кој ќе отвори Регионален трговски центар по моделот на Skopje City mall, реализирањето на проектот за модерно градско пристаниште, изградба на затворен современ зелен пазар на местото на досегашниот, изградба на современа автобуска станица, катни гаражи, Аква Парк, како и нова индустриска зона на потегот меѓу влезот на Охрид и село Лескоец и обнова и конзервација на повеќе фасади на објекти кои се прогласени како заштитено културно наследство.
Изјавата на актуелниот градоначалник Александар Петрески, дека без разлика кој ќе биде негов против кандидат, ќе извојува убедлива победа на Локалните избори во првиот круг, д- р Бакрачески ја коментира како панична реакција на уплашен човек кој знае дека ќе ги изгуби изборите.
Бакрачески потенцира дека и покрај кандидатурата и понатака ќе остане посветен на професијата како човек кој знае да ги постави своите приоритети и знае да се движи кон нив, па согласно на тоа секогаш ќе има време да им се посвети на своите пациентите, но и на обврските во локалната самоуправа.