Градоначалникот Никола Бакрачески денес  беше во посета на селото Лескоец,  со цел да утврди до каде се градежните активности кои ги започна општина Охрид, а се однесуваат на подигање комплетно нов спортски центар, во близина на ОУ „Ванчо Николески“ .

Во првата фаза од проектот, која се очекува да финишира во  месец јуни, предвидена  е  изградба на тревнатиот дел на стадионот за голем фудбал, реконструкција на  постојното игралиште за мал фудбал, ракомет и кошарка, изградба на забавно-  рекреативно детско игралиште како и реконструкција на соблекувалните.

Во втората фаза од проектот предвидено е да се подига спортска сала од затворен тип,  која е неопходна за реализација на наставата по физичка култура за учениците од ОУ “Ванчо Николески“.

Исто така, првиот човек на Охрид го посети и мини плоштадот  на крстосницата меѓу улиците „Питу Гули“ и „Марко Нестороски“ во  „Горна Влашка мала“, чија изградба е во завршна фаза.

Од локалната самоуправа информираат дека во наредниот период,  ќе се уредуваат и останатите три краци од оваа раскрсница, односно просторот околу чинарот  и автобуската постојка, а нов лик ќе добијат  и тротоарите во овој дел на градот.

OhridNews