Од локалната самоуправа за тековната година најавуваат низа поголеми проекти, меѓу кои и изградба на Конгресен Центар кој ќе биде  лоциран во населба Даљан, поточно на просторот помеѓу сегашниот станбен комплекс и постоечкиот хотел „Даљан“.

– Тоа ќе биде еден од позначајните капитални проекти кои многу одамна му недостасуваат на градов.  Финансиската конструкција за реализација на проектот ќе биде на ЕЛЕМ . Урбанистичко планската документација што ја обезбедува општина Охрид е во завршна фаза после што ќе бидат преземени следни активности. Почетокот на градежните активности би требале да бидат во првата половина на 2017 година- вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Тој објаснува дека  како Општина заедно со Владата на Р. Македонија, барале од ЕЛЕМ која е задолжена за прибавување на целокупната документација,конгресниот  центар да ги задоволи потребите на Охрид во насока на развој на конгресниот туризам.

– Она што ние го баравме од инвеститорот беше првенствено да се одбере поволна локација, а  таа кај Даљан ние сметавме дека е најповолна. Секако  дека тој конгресен центар треба да има една голема сала или главна арена во  која би се одвивале големите конгресни активности со капацитет од 1 500 до 2 000 седишта и   се разбира 4 до 6 помали сали со капацитет за 200 лица. Се разбира дека организацијата на конгресите подразбира и други сателитски активности и организација на сателитски симпозиуми, а самото име кажува дека може да се организираат и во локалните хотели. Тоа значи дека главните конгресни активности би се одвивале  во   големиот конгресен центар, а сателитските симпозиуми  во конгресните сали од охридските хотели- објаснува Бакрачески.  

Се најавува изградба и на две катни гаражи, од кои едната ќе се гради со средства од ЕЛЕМ. Ќе биде во близина на Центарот за Култура којшто пак по моделот на Јавно приватно партнерство ќе го гради Министерството за  култура на Р. Македонија. Во другата катна гаража ќе инвестира А.Д. За стопанисување со станбен и деловен простор.

– Според нашите стратешки планови во урбанизмот таа катна гаража ќе треба да се гради на потегот  кај СРЦ „Билјанини извори“ со оглед на тоа што најголем дел од туристичките автобуси што доаѓаат и сега се паркираат на тој простор. Со нашите планови за заокружување или комплетирање на спортско – рекреативниот центар којшто ќе биде со сите содржини што ги предвидовме за изградба сметавме дека таа локација за градба е најдобра. Претпоставувам дека со градба на оваа катна гаража ќе се започне во втора половина на  2016 година, објаснува градоначалникот Бакрачески.

OhridNews