До денес, кога завршуваат конкурсите за највисоката општинска награда „Св. Климент Охридски“ и за доделување на повелбите „Свети Климент Охридски“ до Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување награди и признанија, пристигнале вкупно 14 пријави од кои шест за наградата, а осум за повелбите.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој го доделува ова највисоко општинско признание информира дека во изминатиот период била формирана и посебна комисија со цел наградата да оди во вистинските раце.
– Јас инсистирав во комисијата да влезат истакнати и авторитетни личности кои имаат свој личен професионален или општествен бекграунд и лица кои припаѓаат на различни сфери од општественото живеење. Воопшто не се сомневам дека оваа година, тие ќе го предложат најдоброто можно решение и најзаслужниот граѓанин или организација ќе биде добитник на оваа престижна или привилегирана награда, рече градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на комисијата за доделување на повелбите, Дејан Пановски објаснува дека пристигнатите апликации ќе се разгледуваат од понеделник.
– Во текот на наредната недела комисијата ќе ги разгледува пристигнатите пријави за добивање на повелбите и одлуката кој ќе ги добие ќе биде донесена најдоцна 7 декември, вели Пановски.
Со наградата „Свети Климент Охридски“ се оддава највисоко признание за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината. Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината.
Т.К.