Локалната самоуправа е во постојан контакт со сопственикот на земјиштето на кое ќе се гради новата автобуска станица и според информациите со кои располага локалната самоуправа, активностите за почеток на изградба се одвиваат според предвидениот тек, рече градоначалникот Никола Бакрачески одговарајќи на поставено советничко прашање на денешната седница на советот.
– Купувачот на земјиштето има обврска во рок од една година од потпишувањето на договорот да обезбеди одобрение за изградба, а во период од 2 до 4 години да ја изгради. Рокот за добивање на одобрение за градба истекува во месец мај идната година. Сме одржале неколку состаноци со сопственикот на кои се информираме за текот на работите. Интензивно се работи на основниот проект, во тек се преговори со компанија од Турција која би вложила во изградба на придружни објекти околу автобуската станица, меѓу кои и голем трговски центар . До крај на 2016 или почетокот на 2017 Охрид треба да добие нова автобуска станица, рече градоначалникот.
Советничката Жаклина Лазареска запраша што презема локалната самоуправа во однос на иселувањето на младите образовани кадри од Охрид. Советничката изнесе дека во текот на последните осум години од Охрид се иселиле 6066 млади луѓе.
Градоначалникот со одговор дека за да се зборува за, како што рече, тезата за иселување потребни се податоци и добра аналитика со цел- истражување на проблемот иселување.
– Ќе изнесам мое лично размислување. Во Македонија во изминатите години се случија две крупни промени, првата и основна која можеби го иницира процесот на иселување е укинувањето на визниот режим. Зборувате за многу причини, но ја заборавате основната, дека оваа влада издејствува укинување на визниот режим што е една од наголемите придобивки за граѓаните. Да ги прошират своите видици со патување, во земјите во ЕУ. Иселувањето се должи на барање подобри услови за живот како што тоа го прават граѓаните на Полска и тоа откако земјата влезе во ЕУ и откако стандардот се зголеми. Истото се случува во Бугарија, Романија. Има иселување и од Германија во Швајцарија или во скандинавски земји, не затоа што во Германија има лоши услови за живот, туку затоа што луѓето се во потрага по подбри услови за живеење, рече Бакрачески кој додаде дека локалната презема низа мерки за подобрување на условите за живеење.
Советничката Оливија- Пирузева Јанева праша околу издржаноста на проектот за изградба на кружниот тек кај Охридска банка и што е со изработката на сообраќајната студија.
– Дали при изградбата на кружниот тек е извршена анализа во однос на заштитата на возачите и пешаците?Дали одвивањето на сообраќајот ќе биде безбедно?, праша Пирузева- Јанева.
Бакрачески со одговор дека пред да се добие одобрението за градба биле добиени дозволи од низа надлежни институции, а тоа што сеуште нема сообраќајна студија причината е што на објавениот оглас не се пријавила ниту една фирма за изработка на студијата.
Бакрачески одговараше и на низа други прашања од советниците, меѓу кои и- врз кои податоци се утврдува приоритетот каде ќе се преземаат инфраструктурни зафати, на што беше одговорено дека тоа се прави врз основ на програмата која им била ветена на граѓаните, како и бројните секојдневни контакти со жителите.
Т.К.