Градоначалникот Никола Бакрачески повторно го потенцира сериозниот проблем поради преобемната и како што тој вели, прегломазна администрација во Охрид која го оптоварува нормалното работење на локалната самоуправа и јавните претпријатија и создава потешкотии во работењето.Како што вели градоначалникот се прават напори за изнаоѓање на најсоодветно решение за решавање на проблемот, но дека при тоа се зема во предвид социјалната компонента.

 

Сигурно е дека ќе се водиме од социјалната компонента за сите кои се ангажирани во јавните претпријатија и во преобемната јавна администрација која за жал е поголема дури за пет до седум пати од она што го налагаат европските стандарди. Ние ќе мора да ги согледуваме целокупните потреби на градот, но и да се раководиме од економскиот раст на општината, но и животниот стандард на граѓаните што во најголем дел зависи од месечни примања на оние кои се вработени во јавните претпријатија и локалната, вели Бакрачески.

Тој потенцира дека раководителите на јавните претпријатија имаат можност самостојно да направат евалуација на потребните работни места, односно да направат самостојно проценка на бројот на вработени кој им е потребен во нивната организација.

Раководителите работат на процесот на систематизација, меѓутоа финалните извештаи сеуште не сум ги добил . Сигурен сум дека ќе ги добијам и после нивното завршување ќе направиме заедничка евалуација со мене и службите,по што ќе се донесат крајните заклучоци и ќе се направи стратегија за имплементација на работните места, изјави градоначалникот.

Т.К.