Изградба на современа автобуска станица е дел од проектите содржани во изборната програма на кандидатот за градоначалник од ВМРО- ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески, кој потенцира дека на Охрид како туристички центар потребен му е ваков објект кој ќе биде препознатлив во градот.

Ова е едно од најгрдите лица во градот, каде што имаме неуредена јавна површина, каливи премини, голем број дупки, оставени торби насекаде околу т.н автобуска станица. Ова е место кое го дава најлошиот впечаток на секој патник и турист кој за прв пат ќе стапне во градот.“ – рече на денешниот прес,  кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески.

Според него, една од приоритетните задачи која е вметната во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е оваа локација да се претвори во претпознатлив објект, со што сликата во овој дел од градот би се подобрила.

Како иден градоначалник со тимот кој ќе го формираме, една од првите наши задачи ќе биде на ова место да издигнеме еден препознатлив објект. Тоа ќе биде современа автобуска станица, која ќе биде изградена по сите меѓународни стандарди, потребни инфраструктурни објекти со сите техничко – технолошки помагала. Тоа ќе биде место каде и туристите и патниците кои за прв пат доаѓаат во Охрид,  ќе се среќават со една убава слика.“ – истакна Баркрачески.

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека автобуската станица ќе стане центар за околните населби и свртилиште на голем број граѓани.

Ова место ќе прерасне во втор центар на градот. Затоа сакам да кажам дека на граѓаните им се потребни дела, а не зборови. И затоа ние ја бараме нивната доверба. Се надеваме дека граѓаните ќе препознаат кој знае и умее да работи и кој дава само лажни и неостварени ветувања.“ – додаде Бакрачески.

OhridNews