Според градоначалникот Никола Бакрачески, годинава се направила непотребна галама околу начинот на доделување на општинските признанија. Ваквиот коментар следува откако Комисијата за доделување награди и признанија одлучи годинава да не се доделат повелбите „Св.Климент Охридски“, а претседателот на комисијата иницира изготвување на нов правилник за начинот и критериумите за доделување на општинските признанија, награди и повелби.
– Не можам да судам за изворот и причините околу настанувањето на толкава, за мене, во секој случај непотребна галама околу начинот на доделување на признанијата. Мој став е дека јас како градоначалник, како институција или граѓанин кој не е инволвиран во процесот на доделување на општинските признанија, да не се мешам во работата на комисиите за доделување награди. Ги почитувам нивните размислувања, начини и постапки за избор, но во овој момент не би можел да кажам дали навистина треба да бидат променети критериумите, постапката или начините за доделување на наградите .Едно е јасно- јас неизмерно им верувам на комисиите, особено за највисокото општинскио признание, во нивните квалитети и посветеност, околу непристрасноста за донесување на правилниот избор за највисокото признание, вели Бакрачески.
Градоначалникот додава дека позитивно е тоа што бројот на апликации и предложени граѓани кои имаат континуитет во создавањето на трајни вредности, од година во година се зголемува.
– Секогаш може да се дебатира околу нови начини, приоди за доделување награди но сепак станува збор за награда која е сублимат на перцепции кои упатуваат на личност која создава трајни вредности. Секој има причини зошто кандидирал некој од кандидатите и таквите ставови мора да се почитуваат. Ние не доделуваме Нобелова награда за да судиме за стручни или научни достигнувања во одредени гранки, туку тоа е општинска награда или повелба која е сублимат на перцепции за вредностите на одредена личност која се кандидира. Ако ги проценуваме професионалните достигнувања тогаш ќе треба да се преиспита и компетентноста и на комисиите. Не можете да проценувате професионалност, стручност или научно достигнување на кандидат, а вие како комисија не сте компетентни да го оцените научното достигнување, смета Бакрачески.
Како причина за иницирањето на изготвување на нов правилник за доделување награди, беше наведено дека досегашните критериуми не биле соодветни за да можат да обезбедат квалитетно согледување на состојбите и соодветно наградување според достигнувањата.
Т.К.