Градоначалникот Никола Бакрачески, вчера оствари работна средба со претседателот на христијанската организација за помош, Фридер Вајнхолд од германскиот град Висмар.
На средбата, градоначалникот Бакрачески бил информиран дека оваа организација веќе петнаесет години е активна со своите фондови и хуманитарни акции во областа на Поградец и Преспа во Република Албанија, а постои интерес за соработка на полето на проширување на активностите на организацијата и на македонската страна.
Како што велат од локалната самоуправа, посебен интерес предизвикало отварањето на можноста за воспоставување на партнерска соработка помеѓу општина Охрид и градот Висмар, со оглед на тоа што се работи за град чие старо јадро е ставено под заштита на УНЕСКО како културно и историско наследство.
Во таа насока, Бакрачески предложил и побарал од Вајнхолд, посредничка помош во процесот на отпочнување со процедура за воспоставувањена односи за меѓусебна соработка и партнерство помеѓу Охрид и Висмар, што би овозможило искористување на можностите за користење на Фондовите на УНЕСКО.
Инаку, општина Охрид во досегашниот период нема воспоставено партнерска или било каков друг облик на соработка со ниту еден град во Германија.
OhridNews