Постои голема желба , мотив и енергија кај надлежните и градоначалниците од трите градови на Охридското Eзeро за реализирање на заедничките цели во однос на заштитата на езерото,  кое нуди огромни можности и е  дар од Господ. Нам ни преостанува добро да се организираме, да ги утврдиме нашите приоритети и заеднички да пристапиме посветено кон реализиција на зацртаните проекти и визии за просперитет на целиот регион , се обрати на денешната свеченост по повод  Денот на езерото, градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески, овогодишен домаќин на манифестацијата.


Пред присутните се обрати и градоначалникот на општина Поградец, Артан Шкембиј, кој потенцира дека она што ги зближува градовите Охрид, Струга и Поградец е токму езерото  за кое во минатиот период многу е направено, но останува уште да се направи и во периодот што следи, со цел заштита на неговата флора и фауна. 


Како што рече струшкиот градоначалник Зијадин Села, животот на граѓаните во регионот зависи во голема мера од можностите што ги нуди езерото , почнувајќи од водата за пиење, забавата, научно- истражувачкат адејност , риболовот, земјоделството туризмот и одводот на отпадните води.

–    Прашањето кое бара решение е како во иднина да се изнајде модел наведените начини на употреба на езерската вода да имаат форма на одржлив развој, бидејќи природните извори имаат големо значење за жителите. Убеден сум дека оваа активност која има за цел запознавање на вредностите на овој регион, ќе им послужи во подигнувањето на свеста на сите потенцијални учесници за нивната улога и одговорност што ја имаат за регионот, а во врска со неопходноста за соработка на сите нивоа , со единствена цел ова непроценето богатство да им се остави на идните генерации, рече Села.


Одлуката, најдолгиот ден и почетокот на летото, 21 јуни  да се слави во име на Езерото, беше донесена  во Февруари 2000 година, од страна на Бордот за заштита на Охридското Езеро.


– По 14 години заедничко одбележување на Денот на езерото, традицијата е поставена и така ќе остане. Како еколози упатуваме една порака- езерото не смее да биде жртва на економскиот  развој. Развој мора да има, но во никој случај на штета  на еко- системот во езрото, вели Дејан Пановски, од  Билатералниот  Секретаријат за Охридското Езеро.


Во рамки на денешната свеченост, под мотото “Заобиколи го езерото – почитувај го езерото“, велосипедскито клуб “Екодром“ од Охрид традиционално, го организира рекреативниот велосипедски маратон околу Охридското езеро.

Стартот на маратонот, на велосипеди го означија тројцата градоначалници- Бакрачески,Села и  Шкембиј. 

Т.К.