Градоначалникот Никола Бакрачески и претставници од локалната самоуправа, попладнево, во маркетот Тинекс купија низа производи со што директно се вклучија во хуманитарната акција по повод Неделата за борба против гладта која во организација на општинскиот Црвен крст и Локалниот совет на млади се реализира во текот на оваа седмица .
– Да ја поддржиме кампањата и да ја подигнеме свеста на охриѓани за одржувањето на ваквите хуманитарни акции и да им помогнеме на нашите сограѓани кои не можат да ги купат основните прехранбени производи. Упатувам апел до сите што помасовно да се вклучат во акцијата, рече Бакрачески.
Градоначалникот информира дека по преземањето на мандатот , формирани биле неколку екипи при локалната самоуправа кои секојдневно се на терен и по дојава на граѓани или по своја проценка собираат податоци за социјално загрозени семејства во општината, во чии домови вршат увид, по што се врши проценка на социјалната загрозеност,се составува извештај по што се носи заклучок како да им се помогне на тие семејства.
Бакрачески потенцира дека локалната самоуправа и понатаму ќе продолжи со поддршка на хуманитарните акции и ќе презема мерки за помош на најранливите категории граѓани.
Пунктови на Црвениот крст се поставени и во маркетите Дон, Тинекс и Рамстот во центарот на градот.Од собраните прехранбени производи ќе бидат подготвени пакети кои на социјално загрозените семејства ќе им бидат доставени во првата недела од месец ноември.
Т.К.