Пред вас е најсериозниот и најобемниот Отчет, било кога даден од било која локална самоуправа во историјата на Охрид, документиран и евидентиран со статистика и илустрации во публикација од 200 страници, рече пред присутните во дворот на општинската зграда градоначалникот Никола Бакрачески, кој придружуван од директорите на јавните претпријатија и најблиските соработници од неговата администрација, денес даде отчет за сработеното на локалната самоуправа во текот на изминатите три години.
– Третата година од мандатот што ми го доверивте, измина со најинтензивната динамика во работата на локалната самоуправа видена до сега, со многу реализирани проекти, подобрување на перфомансите на сите јавни претпријатија основани од општина Охрид и сигнификантно подобрување на ефикасноста на општинската администрација која одговорно и професионално во предвидените рокови ги решаваше потребите на граѓаните. Успешно го трасиравме патот за финансиска консолидација на општината и покажавме дека децениската сага за долгот на Општина Охрид, на подолг рок може да има успешна разрешница, рече Бакрачески.
Градоначалникот на почетокот од обраќањето, зборувајќи за долгот на општината, нагласи дека со домаќинско работење во изминатиот период се постигнало значително намалување на неговиот износ.
– Со искрен и чесен приод, домаќинско работење и максимално искористување на сите човечки ресурси во период од 4 прил 2013 до 05 март 2016 општина Охрид исплатила 843.084.368 денари од обврските по сите основи, а вкупниот долг денес е намален за над 567 милиони денари, рече Бакрачески.
Бакрачески потсети на извршената реконструкција на патните правци Елешец- Елшани, Охрид-Велестово и патниот правец Вапила – Ливоишта, изградбата на кружните текови на булеварот „Туристичка“, реконструкцијата на голем број улици, како и Проектот за модернизација на јавното осветлување на територијата на Охрид.
– На територијата на Општина Охрид поставени се 7872 улични лед светилки, а во стариот дел на градот 461 автентични фенери, нешто што ги оживеа убавите спомени на Охрид од минатото, а скоро сите позначајни културно – историски знаменитости добија нова современа илуминација. На неколку зони во градот е поставена дополнителна нова мрежа на улично осветлување која е дел од 620-те сијалични места кои ги обезбедивме со договорот. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува над 3.506.000 евра и инвестицијата ќе се зголемува во иднина, рече градоначалникот.
Бакрачески потенцира дека завршени се сите административни формалности и дека наскоро ќе отпочне изградбата на трите големи проекти- затворен пазар, нова автобуска станица и дом за стари лица. Додаде дека и оваа година особено внимание се посветувало на културата, спортот, образованието и социјалната политика,при што се изградени Центар за лица со посебни потреби,отворени се градинки во посебни просторни услови, се доделува парична помош за секое прво и второродено дете во охридската болница,се стипендираат талентирани ученици, помогнато им е на граѓаните чии домови биле поплавени или опожарени.
Бакрачески, потсетувајќи на воспоставените и оние кои треба да почнат летови од охридскиот аеродром, рече дека особено внимание се вложува во развојот на туризмот и дека оваа сезона се очекува да биде најуспешната.
– До јуни оваа година ќе заврши и последната трета фаза од изградбата на пешачка патека до Горица, што заедно со новата патека покрај каналот Студенчишта се до Билјанини Извори и реконструкцијата на кејот „Македонија“, ќе претставува нова атрактивна целина и за гостите и за охриѓани. Продолживме Охрид да го презентираме во странските метрополи и престижни саеми за туризам. Сите овие активности, заедно со мерките кои Владата на Република Македонија ги одреди за субвенции во привлекувањето на странските гости, придонесоа значително да се зголеми бројот на странските посетители и остварени ноќевања во хотелските и апартмански капацитети на охридското крајбрежје, рече Бакрачески.
Бакрачески изрази задоволство од тоа што капацитетите на „ОДВ Електрик“ постојано се прошируваат, како и од тоа што „Костал” ги прави завршните припреми за отпочување со производство.
– Она што ни предизвикува посебно задоволство е започнувањето на израдбата на затворен базен, инвестиција вредна над 5 милиони евра, со што го исполнуваме заветот на охридските пливачки легенди и реална можност, пливањето повторно да стане најпрепознатлив белег на охридскиот спорт, рече градоначалникот.
Бакрачески на крајот од обраќањето нагласи дека и во наредниот период локалната самоуправа продолжува со несмален интензитет да го гради Охрид.
OhridNews