Само неколку дена откако Уставниот суд донесе одлука со која ги стопира градежните работи во населбата Бејбунар, градоначалникот на Охрид, во изјава за медиумите истакна дека треба да се изгради предвидениот станбено-деловен комплекс во Охрид, чија вредност се проценува на околу 100 милиони евра.
Инаку Министерството за локална самоуправа го оспори деталниот урбанистички план донесен во октомври 2008-ма година, бидејќи Советот на општина Охрид го донел без согласноста од Министерството за транспорт и врски, која прво била дадена, а после 15 дена повлечена на барање на Управата за заштита на културно наследство за привремена двегодишна заштита на археолошкиот локалитет „Бејбунар“.
Исто така, пред Судот се појавила дилема за деталниот урбанистички план кој е опфатен со оспорената одлука, бидејќи на просторот за кој се однесува се наоѓаат извори на квалитетна вода за пиење.