– И ова основно училиште, како и останатите во општинава, се соочува со финансиски потешкотии во работењето, пред се поради неисплатени сметки за искористена електрична енергија и набавена нафта за греење. Како локална самоуправа, во рамки на нашите надлежности, се обидуваме преку долгорочна програма да им помагаме на училиштата за да се справат со финансиските проблеми и преку план на сервисирање на долговите, во текот на наредната година да се надминат проблемите и да почнат редовно да ги исплаќаат обврските кон доверителите, рече градоначалникот Бакрачески.
Меѓу приоритетните зафати кои што поскоро треба да бидат реализирани во училиштето, ВД директорот Тони Симоноски ги потенцира потребата од заменување на старата дограма во училиштето и санацијата на покривот.
– Под итно е потребна замена на старите врати и прозори со нови за зголемување на енергетската ефикасност во училиштето, да се поправи покривот, како и да се зголеми бројот на надгледни средства. Се надевам дека постепено ќе се подобрува финансиската состојба во која се наоѓа училиштето. Со помош на локалната самоуправа дел од долгот за користена електрична енергија е веќе исплатен, изјави Симоноски.
Од локалната самоуправа информираат дека се очекува до крајот на годинава да бидат доделни средства од Светска банка за реконструкција на поголем број училишта во општина Охрид. Дел од средствата ќе бидат наменети и за потребите на ОУ „Христо Узунов“.
Денешната посета на градоначалникот Бакрачески во ОУ „Христо Узунов“ е дел од најавените посети кои ќе се реализираат во сите образовни институции во надлежност на локалната самоуправа.