При градење на објектите во Охрид предвидени со планските документации изработени од секторот за урбанизам, како локална самоуправа поаѓаме од размислувањата и потребите на граѓаните, вели градоначалникот Никола Бакрачески коментирајќи ги неодамнешните случувања околу двете повлечени точки од областа на урбанизмот од дневен ред на 12- та седница на советот, по напуштањето од страна на советнциите од опозицијата и нивната реакција поради одбивањето тие да бидат ставени на дневен ред на наредната седница. Бакрачески додава дека секој од изработените урбанистички планови пред да дојде за гласање пред советниците оди на јавна анкета и увид каде се разгледуват размислувањата на граѓаните за тоа како треба да изгледа просторот во кој тие живеат.
– Ние не отстапуваме во ниту еден сегмент од постапката пропишана со законот од областа на урбанизмот, при тоа почитувајќи го и законот за Охрид. Како локална самоуправа ни е потребен поголем концензус и од граѓаните, но и од опозицијата со цел да се дојде до правилно решение во интерес на граѓаните, вели Бакрачески.
Градоначалникот потенцира дека потребите на градот и граѓаните не можат да се стопираат и дека градот мора да продолжи да се развива.
– Како локална самоуправа мора да се грижиме и за адекватното менаџирање со администрација и јавните претпријатија кои во најголем дел собираат приходи по пат на обезбедување комуналии од градбите. Не можеме да кажеме дека ќе ги сопреме сите градби во Охрид и околината и дека ќе се откажеме од изградба на објекти од кои локалната самоуправа добива високи приходи, пред се во услови кога знаеме дека општината се наоѓа во особено тешка финансиска состојба, изјави Бакрачески.
Според него локалната самоуправа и понатаму ќе работи како сервис на граѓаните чии потреби ќе се следат и реализираат согласно законските прописи.
Т.К.