Охрид не заслужува постојано, неосновано да биде критикуван во екот на туристичката сезона, со што на градот му се нанесува голема штета, рече градоначалникот Никола Бакрачески на прес конференцијата што денеска се одржа во Скопје. Тој се пожали дека информирањето во некои медиуми било тенденциозно.

-Се почна минатиот месец со наводно скапите цени на угостителските услуги, иако истите на пример се 3-5 пати поевтини од Грција за иста класа хотели, ресторани или кафе барови. Потоа продолжи со лошиот квалитет на услугите, лошто однесување и слабата едуцираност на персоналиот во угостителските објекти и хотелите, па со концерот на Цеца, иако јасно дадов на знаење дека локалната самоуправа не учествува во организација на истиот, освен што ЈП „Билјанини извори“ на барање на организаторот го издаде стадионот за пари. А од друга страна ние не можеме да имаме селективен пристап при издавање на истиот во зависност од националноста на изведувачите. Имавме прилози дека некои плажи имаат многу водни змии, па дека Охрид се дави во ѓубре со слики кои со сигурност не се од Охрид.-изјави Бакрачески.

Од друга страна, додаде Бакрачески, цело лето не видовме ниту еден афирмативен прилог со кој се промовира туризмот во Охрид.

-Ретки беа прилозите, најчесто кратки за културните настани како Охридско лето иако се работи за понуда каква ретко се сретнува и во поголеми туристички места.-рече Бакрачески.

Тој истакна дека Охрид има недостатоци, мани и грешки во организација на туристичката сезона, но и дека работи на нивно надминување.

-Коректните, основани и избалансирани критики не само што ги прифаќаме, туку ни служат како своевиден водич и патоказ од кои учиме како да ги поправиме грешките и да ги елиминираме недостатоците. Од друга страна сме свесни дека убавите острови, топлата и чиста морска вода, добрата храна во рестораните во соседството  се нешта кои нашите граѓани ги бараат и ние тоа го почитуваме. Но, да се потценуваат и да се плукаат вистинските културни, природни, духовни и историски вредности на Охрид во најмала рака е жалосно.-истакна Бакрачески.

На прес конференцијата присуствуваше и заменик министрот за економија Христијан Делев, кој рече дека Владата посветено работи на развој на туризмот во Охрид. Тој додаде дека планираните инфраструктурни зафати во Охрид во голема мера ќе придонесат за зголемување на квалитетот на туристичката понуда на градот.

OhridNews