Продолжува победничкиот чекор на Охрид, кој на шестиот натпревар на домашен терен ја забележа шесттата победа. Победата ја осигура Бакулески во 85 минута од мечот, со својот прв овосезонски погодок.

Охриѓани уште од самиот старт офанзивно тргнаа но не успеваа да го пробијат гостинскиот бедем пред голот на Захов. Имаа инцијатива, имаа посед на топка, но не успеаа по сериозно да се заканат. Без возбудувања и без интервенција на двата голмани заврши првиот дел по кој позадволни беа гостите кои во Охрид допатуваа со цел да останат непоразени.

Не се промена многу сликата на стартот на вториот дел, а првите возбудувања уследија по измените на стратегот на охриѓани Ѓорески. Прв изгледна шанса да ја затресе мрежата имаше нововлезениот Вељановски. По одличната еден – два акција на Перески и Клечкароски, дефанзивцеот несебично го проигра Вељаноски кој од голманскиот простор не успеа да ја погоди целта. Нешто подоцна уште една стонастоната можност имаа домаќините кога по карамболот во шестнаесетникот на гостите, топката стигна до Д.Клечкароски кој биеше непрецизно над голот.


Многу блиску казната за ваквите промшувања ќе ги стигнеше охриѓани, кога младинскиот репрезентативец Тимов и побегна на одбраната но неговиот удар одкосо заврши замалку покрај голот на Карамачоски. Истиот играч неколку минути подоцна имаше уште една таква контра, но капитенот Митрески, потпомогнат од Велески го спречија напаѓачот.

По неискористените контранапади на гостите, рибарите продолжија да притискаат кон голот на “кенгурите“, од далечина се заканаа Нически И Клечкароски, но Захов остана несовладан.


Нападите резултираа на пет минути пред крајот, по ударот на Нически топката танцуваше на гол линијата но не заврши зад неа, Клечкароски ја прифати и повторно му сервираше на охридската десетка, кој овај пат се одлучи да го проигра резервистот Бакулески кој од неколку метри ја погоди целта.

М.П.